Победата над Фулам која фудбалерите на Манчестер Јунајтед ја постигнаа во Лондон е најдобриот подарок за тренерот Рубен Аморим, кој во неделата на 26 јануари наполни 40 години.
Португалецот за време на неговата изјава по натпреварот на „Крејвин Котиџ“ доби честитка од новинарите, со забелешка дека животот започнува на 40 години, но поранешниот тренер на Спортинг имаше уште поинтересен одговор.
-Немам 40, имам 50. За два месеци работа во Манчестер Јунајтед остарев 10 години, но мило ми е што сум тука и што можам да го прославам мојот роденден со овие луѓе, истакна Аморим.
Потоа Португалецот ги пофали своите играчи, но зборуваше и зошто некои првотимци како Маркус Рашфорд не добија шанса да играат во Лондон.
„Сè се сведува на еден збор, а тоа е – тренинг. За време на него се гледа се. Да бидам искрен, повеќе би сакал да ставам резервен голман отколку да пуштам на терен некој кој не го дава најдоброто од себе на теренот. Тоа е мојот принцип на работа и сигурно нема да го сменам. На крајот на краиштата, на натпреварот против Фулам видовте колку се посветени некои играчи и им честитам и на играта и на победата“, рече Аморим.
Манчестер Јунајтед во последните неколку дена оствари два значајни триумфа, прво над Ренџерс во Лига Европа, а потоа и против Фулам во Премиер лигата, во која сега го зазема 12. место со 29 бода од 23 натпревари.