Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека државата не е играчка, но дека многумина помислија дека е можно со неа да се играат и дека е можно секој и секогаш да ја уценува.
„Затоа тргнаа однадвор во напад врз Србија, поддржани од многумина одвнатре кои со години се обидуваат да ја освојат власта, некогаш на избори, некогаш без избори, но не успеваат затоа што народот не ги сака“, им порача Вучиќ на собраните граѓани во Брус.
Тој нагласи дека „државата Србија се однесува толерантно, трпеливо, на сите им нуди разговори“ и дека и денеска нуди разговори и дијалог.
„Оној момент кога некој ќе помисли дека ќе употреби насилство за да ја преземе власта, државата ќе се однесува како држава како и секаде во светот“, рече Вучиќ.
Тој им порача на граѓаните да бидат спокојни, бидејќи „земјата Србија не е грст овес што ќе ја јадат сите“, дека, како што рече, ќе го зачуваме мирот и стабилноста и дека Србија ќе оди напред и ќе расте.
Три месеци од трагедијата во Нови Сад – Студенти и граѓани денеска ги блокираат трите мостови во Нови Сад
Три месеци по загинувањето на 15 лица пред железничката станица во Нови Сад денеска во овој град ќе бидат одбележани со голем граѓански собир и блокада на три новосадски моста организирани од студенти.
Студентите ги поканија граѓаните на блокади на клучните мостови во градот – Варадински, Жежеље и Мостот на слободата, што ќе почнат во 15 часот, со цел симболично, како што наведоа, да го изразат своето незадоволство што и по три месеци од трагедијата, никој беше повикан на одговорност.
На денешниот собир му претходеше пристигнувањето на голем број студенти од Белград кои пеш дојдоа во Нови Сад, каде со своите колеги и граѓани ќе им оддадат почит на жртвите.
И голем број граѓани на велосипеди дојдоа од Белград во главниот град на Војводина.
Нив синоќа ги пречекаа илјадници студенти и жители на Нови Сад, а на факултетите им беше овозможено импровизирано сместување, храна и логистичка поддршка.
Пристигнувањето и пречекот на демонстрантите во Нови Сада не беше проследен со сериозни инциденти, а поворките и собирот беа обезбедени од полицијата.
Од ноември минатата година досега стотици илјади луѓе излегоа на протести низ земјата, поттикнати од смртта на 15 лица при пад на настрешница, а студентите блокираа повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите, почитување за Уставот, законот, искоренување на корупцијата и зајакнување и независност на институциите без политичко влијание.
Ј. Ѓ.