Публицистот Батон Хаџиу во косовската телевизија Т7 ја објави својата излезна анкета за денешните парламентарни избори во Косово, според која Албин Курти е на прво место, но со далеку понизок резултат од очекуваниот.
Според Хаџиу, Движењето Самоопределување на Албин Курти доби 37%, Демократската лига на Косово доби 20%, Демократската партија на Косово доби 23% а коалицијата ААК/НИСМА на Рамуш Харадинај доби 8%. Маргината на грешка на оваа излезна анкета не може да биде поголема од 1,5%, вели изворот.
И ТВ Клан излезе со егзит-пол и го стави Самоопределување на прво место, но со значителен пад на гласовите во споредба со изборите во 2021 година – 38,2%. Втора според нивниот пол се очекува да биде ПДК со 22,4%, ЛДК трета со 20,1%, а коалицијата ААК со 7,6% е на четврто место. Маргината на грешка за оваа излезна анкета е 3 проценти.
Весникот КОХА на познатиот публицист Ветон Сурои спроведе анкетата со 1.500 граѓани до три дена пред денот на изборите. Вкупните резултати имаат маргина на грешка до 2.53 процентни поени. Од 1.500 испитаници, 1.300 се Албанци, 100 Срби и 100 од другите немнозински етникуми. Проекцијата на КОХА беше: Самоопределување – 42%, ПДК – 21%, ЛДК – 20%, ААК – НИСМА 6%.
Д. Јонузи