Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека онколошките пациенти во државава веќе имаат терапија. Истовремено, тој нагласи дека дисперзацијата мора да функционира.
– За онколошките пациенти, сигурен сум дека веќе имаат терапија. Дисперзацијата мора да функционира. Значи Битола, Тетово, Штип и ГОБ „8 Септември“, ќе мора да дистрибуираат и да дадат терапија на одредени пациенти коишто можат да примат во тие болници. Ќе останат најтешките пациенти да бидат третирани во клиничка болница на Клиниката за онкологија, одговори Таравари на новинарско прашање, по официјалното пуштање во употреба на компресорската станица за хируршките клиники.
На 21 јануари, пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје останаа без биолошка терапија. Како што информираа тогаш за МИА дел од нив, немало биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваа дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
МИА тогаш се обрати и до Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) во Скопје.
– Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови, одговорија од Клиниката.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираа, се преземале мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
– Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман, беше одговорот на Клиниката на прашањата на МИА.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски во изјава за МИА истакна дека од УКРО се информирани за недостигот на некои лекови.
– Според информациите од клиниката, тоа е поради несоодветното планирање во 2024 година, премин од 2024 во 2025 годинa и зголемен број на пациенти во декември. Фондот во 2024 година за УКРО одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, УКРО треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење, подвлече Клековски тогаш за МИА.
На 6 февруари, при презентација на годишниот план за 2025 година, беше кажано дека условните буџети се зголемени од три милијарди на 5,8, а како што беше посочено, тоа треба да послужи да се затвори стравувањето на пациентите дека ќе снема скапи лекови. Најголеми условни буџети имаат УК за радиотерапија и онкологија – Скопје, УК за детски болести – Скопје, Хематологија, Неврологија, Ревматологија, Кардиологија, Дигестивна хирургија, Гастроентерохепатологија, Државна кардиохиругија и Институтот за траснфузиона медицина на РСМ – Скопје.