Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени.
Како што информира денеска Јавното обвинителство, според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење.
Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.
Во СВР Скопје синоќа во 23:50 часот било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје.
Од Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ утрово, во 00:06 часот, било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје. Подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
– По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 1:40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје, се вели во соопштението.
МВР информира дека по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.