Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека стабилноста во Косово, Босна и Херцеговина и Србија е од суштинско значење за сите, пренесе КосоваПрес.
Руте ова го изјави во Братислава, каде што учествуваше на студентска дебата. Тој беше запрашан дали постои можност за нов судир во Косово, особено во контекст на извештаите дека новата американска политика може да доведе до повлекување на американските сили од Европа.
– Јасно е дека САД остануваат целосно посветени на НАТО. Секако, можни се промени во политиките или одредени адаптации, но нема индикации за драматични одлуки, изјави Руте.
Тој додаде дека Алијансата мора да го задржи Западен Балкан како приоритет, бидејќи стабилноста во регионот е од заеднички интерес.
НАТО има мировни сили во Косово (КФОР) од 1999 година. Во моментов, повеќе од 4.600 војници од 28 земји се дел од оваа мисија, а најголем контингент имаат Италија, САД, Унгарија и Турција.