Граѓаните и државата треба и мора да добијат информации кои се тие официјални средби што премиерот ги имаше во Вашингтон, што на нив се разговараше, која е таа поддршка и помош на којашто можеме да сметаме, кој е бенефитот за граѓаните и за државата, порача заменичката претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во вечершното интервју во емисијата „360 степени“.
Во интервјуто Каранфилова Пановска потенцираше дека ако премиерот Мицкоски по трет пат оди во Вашингтон и ако се претставува дека е прв што го запоседнал теренот пред другите, Владата е должна да им објасни на граѓаните за што е запоседнат теренот.
„Апсолутно ми е нејасно што сака премиерот да каже со тоа дека запоседнува некаков терен. Кој тоа терен го запоседнува? Дали е тоа терен кој го запоседнува во име на државата. Ако е така, кои се државните ставови по однос на запоседнување на теренот? Што значи тоа се редиме први во редот? За што се редиме?Добро е што премиерот оди во САД, но прашањето е со кого тој се сретна таму на државно ниво? Кои се резултатите од тие средби, кој е бенефитот за граѓаните и за државата, а во контекст на помошта што најмногу ни треба во моментов од САД, а тоа е за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Дали нешто се разговара на тема дали може САД на некој начин да ни помогне во дијалогот со Софија? Нашето прашање е што оттаму назад донесе премиерот Мицкоски за граѓаните и за државата?, истакна заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфиловска Пановска, при гостувањето во емисијата „360“.
При тоа, Каранфилова Пановска посочи дека се неосновани обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ дека СДСМ го менува прозападниот курс и се дистанцира стратешките партнери.
„Токму ВМРО ДПМНЕ и за време на потпишувањето на Преспанскиот договор и за време на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО беа тие коишто беа најгласни и се противеа и на Преспанскиот договор и на членството во НАТО. Бевме прогласувани, сите ние коишто бевме за таа опција, како предавници на оваа држава. Така што СДСМ покажал и докажал дека во САД гледа свој стратешки партнер“, порача заменичката претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, при гостувањето во емисијата „360 степни“.