– СДСМ ги напаѓа инспекторатите и ги штити картелите кои му ја одраа кожата на народот, реагираат ВМРО-ДПМНЕ на пресот од портпаролката на СДСМ., Богданка Кузеска.
„СДС денес удри против Трудовиот инспекторат, затоа што тој заедно со Пазарната инспекција се бори против картелите кои во изминатиов период ги вивнаа цените во малопродажба до плафон. Народот денес плаќа поскапо во продавниците, аптеките, салоните и другите малопродажни ланци, затоа што власта на СДС и ДУИ го толерираше тоа. СДС е заштитник на картелите, и сега излезе на површина кој со каква цел е. Лицемерието на СДС е обелоденето, народот сега гледа. ВМРО-ДПМНЕ е со народот, а СДС со картелите“, реагираат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно на денешната прес-конференција на СДСМ, партискиот портпарол Богданка Кузеска, рече „Во овој момент, Државниот инспекторат за труд практично не постои! Од 28 февруари, државните инспектори од Трудовиот инспекторат се одјавени од Агенцијата за вработување. Инспекторите кои треба да се борат против работата на црно, самите работат на црно! Веќе цела недела не се вработени, односно се отпуштени од работа“.
Оваа ситуација, како што потенцираше таа, ја компромитира целата инспекциска работа и ги прави сите извршени контроли незаконски.
„Инспекторите кои треба да се борат против сивата економија, самите се ставени во состојба да работат без никаква правна основа. Владата на Христијан Мицкоски ги доведе во ситуација тие да работат без договор, што е скандалозно и недозволиво“, изјави Кузеска.