Овој Европски совет се одржува во многу важно време, кога се потребни значајни мерки, за што е потребно единство, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа.
– Ова е пресвртен момент за Европа. Украина е дел од нашето европското семејство и ова е и пресвртен момент и за Украина. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа треба да биде способна да се заштити и одбрани себе си, рече Фон дер Лајен придружувана од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според Фон дер Лајен, ЕУ треба да и овозможи на Украина да се заштити и да постигне траен и праведен мир, затоа што сака „мир преку зајакнување“.
– Тоа е причината поради која денеска пред лидерите ќе го презентирам Планот „Ревооружување на Европа“. Тој план предвидува до 800 милијарди евра за одбранбени инвестиции и на земјите членки им овозможува фискален простор да инвестираат во одбраната и во украинската одбранбена индустрија, со цел да се обезбедат одбранбени капацитети наменети директно за Украина, додаде Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека на овој начин со повторното вооружување на Европа се ревооружува и ЕУ, но и Украина и нејзината егзистенцијална борба за суверенитет и територијален интегритет.
– Ова е многу важен момент да покажеме дека стоиме покрај Украина онолку долго колку што е потребно, нагласи претседателката на ЕК.