ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Кој ќе го предводи Демократскиот свет?

Со крајот на Pax Americana на повидок, главното прашање е дали европските и источноазиските демократии ќе формираат нови одбранбени сојузи. Но, иако за тоа ќе биде потребно водството на Германија и Јапонија, останува да се види дали некоја од нив е подготвена да го оживее борбениот дух.

March 7, 2025 08:35
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ИАН БУРУМА / Project Syndicate

Крајот на Pax Americana е јасно на повидок. Иако ова долго време беше цел на многу левичари кои се бореа против „американскиот империјализам“, не е толку чудно што на крајот токму американска влада со десничарски фанатици му зададе фатален удар на светскиот поредок. Американската крајна десница отсекогаш била поизолационистичка од либералниот естаблишмент. Прашањето е како ќе реагираат главните сојузници на Америка во Европа и Источна Азија, кои се зависни од САД за својата безбедност.

Европските лидери итно свикаа состаноци на кои беа изговорени многу храбри зборови. Каја Калас, високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, напиша на X дека „слободниот свет му треба нов лидер“ и дека „на нас, Европејците, е да го прифатиме овој предизвик“. Британскиот премиер Кир Стармер зборуваше за „момент што се случува еднаш во генерација“ и вети дека ќе работи со Франција – единствената друга европска земја со нуклеарно оружје – за да помогне во постигнување праведен прекин на огнот во Украина. Најзабележителна од сите беше изјавата на Фридрих Мерц, веројатниот иден германски канцелар и поранешен силен поддржувач на трансатлантските односи, дека Европа мора „да постигне независност од САД“.

Најдоброто на што може да се надева светот е дека предавството на традиционалните сојузници на Америка, понижувањето на Украина, охрабрувањето на десничарскиот екстремизам и прегратката кон агресивните автократи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги натераат европските и источноазиските демократии да формираат нови одбранбени сојузи. Потребата од нов поредок е неспорна. Но исто така неспорни се и пречките.

ЕУ не е воена сила, а не е сигурно дека „коалиција на подготвените“, предводена од Обединетото Кралство и Франција, ќе може да ја надомести загубата на американските безбедносни гаранции. Дури и ако европските земји најдат начин да изградат воен сојуз кој може да го замени НАТО, предводен од САД, тоа ќе бара години. А тоа нема да биде можно без лидерството на Германија, најголемата економија во Унијата.

Во 2011 година, тогашниот полски министер за надворешни работи, Радек Сикорски, во говор во Берлин изјави дека „повеќе се плаши од германската неактивност отколку од германската моќ“. Многу Европејци од земји кои некогаш страдаа под бруталната нацистичка окупација веројатно би се согласиле со тоа чувство. Но, ова можеби нема да го споделуваат доволен број Германци, кои сè уште се несигурни во обновувањето на воената сила што го уништи поголемиот дел од Европа – вклучувајќи ја и самата Германија – пред не толку долго време. Други, пак, во земјата, отворено заземаат проруска позиција. На неодамнешните федерални избори, крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која е наклонета кон Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и се противи на поддршката за Украина, заврши на второто место.

Во Источна и Југоисточна Азија, ситуацијата е уште понепредвидлива. За разлика од Британија и Франција, ниту еден азиски сојузник на Америка нема нуклеарно оружје. И не постои еквивалент на НАТО што би можел да се спротивстави на сè поголемата доминација на Кина. Најбогатиот американски сојузник, Јапонија, е целосно зависен од американските безбедносни гаранции, исто како и Јужна Кореја, која постојано е под закана од нуклеарно вооружената диктатура во Северна Кореја. Американската поддршка е исто така клучна за југоисточноазиските земји кои настојуваат да се заштитат од кинеската агресија.

И тука е Тајван, кој воопшто нема формален безбедносен пакт со САД. Ако Трамп е подготвен да ја жртвува Украина за да склучи договор со Путин, подеднакво е можно да ја разменува тајванската демократија за можност за бизнис со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Ако заврши Pax Americana во Источна и Југоисточна Азија, единствениот начин да се спречи Кина да ги претвори своите соседи во вазали би било создавање на азиско НАТО. Во него би влегле демократии како Јужна Кореја, Тајван, Индонезија, Малезија и Филипините, но и некои полу-демократии (Сингапур и Тајланд), па можеби дури и некои автократии (Виетнам).

Но, оваа организација би се соочила со проблем сличен на оној што го има можниот европски сојуз. Јапонија е единствената земја доволно моќна да предводи ваква разновидна коалиција. Но, многумина во Азија се претпазливи во однос на тоа да ѝ дадат толкава улога на земја која долго време била водена од конзервативна партија чијшто лидери биле неодлучни во признавањето на ужасните злосторства на нивните претходници во Втората светска војна. А и повеќето Јапонци – како и многу Германци – сè уште не се целосно подготвени да му веруваат на својот милитаризам.

Pax Americana во Азија и Европа мораше да заврши во еден момент. Аранжманот во којшто многу богати земји целосно зависат од една суперсила за својата безбедност никогаш не беше одржливо долгорочно решение. Но, тајмингот и начинот на неговото згаснување не можеа да бидат полоши. Токму кога европските и азиските демократии треба да се соочат со непријателска коалиција на автократии – Русија, Кина, Иран и Северна Кореја – нивниот заштитник се заканува дека ќе се повлече, оставајќи им малку време да изградат цврста одбрана.

Она што може да се случи наместо тоа, и покрај сите возвишени зборови, е дека напуштените сојузници на Америка ќе западнат во паника и ќе побараат засолниште, молејќи за заштита од една од големите сили. Јужнокорејците и југоисточните Азијци можеби ќе ѝ се приклонат на Кина. Британците би можеле да се потпрат на нивната „специјална врска“ со САД, додека Германците – а можеби дури и Французите, ако Марин Ле Пен ја добие следната претседателска трка – би можеле да се обратат кон Русија. А Јапонија, оставена на цедило, можеби ќе ја надмине својата постхирошимска аверзија кон нуклеарно вооружување.

Ништо од ова не е неизбежно. Можеби Европејците ќе се организираат. Можеби Трамповата реторика ќе биде погласна отколку што се неговите постапки. Можеби Американците сепак нема да се повлечат од Азија. Но, никој не смее да се потпре на тоа. Главните демократии во Европа и Азија сега се единствената брана против авторитаризмот. А товарот за одбраната на политичката слобода во голема мера ќе падне врз две земји – Германија и Јапонија – кои некогаш направија толку многу за да ја уништат.

Иан Бурума е автор на бројни книги. Најновата му е „Спиноза: Месијата на слободата“ во издание на Јејл Универзитетот (Прес, 2024).

Превод: Ј. Ѓ.


Текстот е преземен од Project Syndicate и објавен на FRONTLINE. Линк до оригиналот: Who Will Lead the Democratic World?

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: PROJECT SYNDICATEИАН БУРУМАТрамп

НАЈНОВО

Тројца пациенти повредени во пожарот во Кочани сè уште се надвор од државата

June 29, 2025

Максим Димитриевски реизбран за претседател на ЗНАМ

June 29, 2025

Ѓоковиќ вели дека се чувствува добро пред стартот на Вимблдон, Алкараз полн со самодоверба

June 29, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Утре и задутре во Скопје посебен сообраќаен режим поради средбата на лидерите од Западен Балкан

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Интервјуто на Џабир Дерала за украинската агенција „Укринформ“ со силен одек во албанските медиуми во Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Наскоро игран филм за Дарко Панчев во продукција на „Петровски Брадрс“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Белград по антивладините протести – мирно, но напнато, десетици уапсени, најмалку двајца повредени

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Решението лежи во делотворно востание на духовите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk