„Ова е веќе видена стратегија на власта и на провладините медиуми, кои, за жал, не успеваат или не сакаат да прифатат дека ставајќи се во улога на некритички бранители на власта, вусшност, го попречуваат процесот на истрагата да биде сеопфатен и неселективен“, вели новинарот и политички аналитичар Зоран Бојаровски, зборувајќи за провладината медиумска кампања против неистомислениците во врска со барањето одговорност за кочанската трагедија во која животот го загубија 59 млади лица.
– Можеби се работи и за страв за тоа до каде може да дојде истрагата кога би се спроведувала без опструкции и спинови. Апсурдно е да бидете против неселективна и политички неконтаминирана истрага за една ваква трагедија која им донесе страшна загуба на толку семејства и која е исклучително сериозна општествена траума која мора да се оконча со непристрасна и сеопфатна истрага. Тоа го бараат граѓаните кои излегуваат на протести и тоа треба да го добијат. Инаку јавноста не треба да има никакво сомневање дека говорот на омраза и хајката е поттикнуван од владината врхушка, особено онаа што доаѓа од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Тука особено ја имам предвид изјавата на премиерот Мицкоски за кој сите оние што мислат различно и што протестираат се глодари и лешинари, вели Бојаровски за Фронтлајн.
Мене, додава нашиот соговорник, ова многу ми личи на манифестација на страв од правдата.
– Не му доликува на политичар избран од народот да промовира толку ниска политичка (не)култура) и со тоа да влијае и врз истрагата и врз јавното мислење, подвлече тој.
Дестан Јонузи