Русија изминатата ноќ изврши напад со дронови врз украинското пристаниште Миколаев на Црното Море и го погоди рударскиот град Криви Рих во најголемиот напад со беспилотни летала врз тој град во војната, соопштија украинските власти, пренесува Ројтерс.
Градоначалникот на Миколаев, Олександар Сенкевич изјави дека во градот утрово дошло до прекин на електричната енергија, по извештајот на регионалниот гувернер дека во текот на ноќта над регионот биле уништени седум дронови. Се уште не е јасно дали прекинот на струјата е превентива или резултат од синоќешниот напад на Миколаев.
Русија го нападна и централниот украински град Криви Рих, предизвикувајќи пожар а биле оштетени и згради, но нападот поминал без жртви, изјави шефот на воената управа на градот.
– Очигледно окупаторите вака „сакаат мир“, напиша на социјалните мрежи Олександр Вилкул, шеф на воената администрација, опишувајќи го како најголем напад со дронови врз градот во оваа војна.
Сè уште се нејасни размерите и целите на нападот во Криви Рих. Вилкул претходно соопшти за најмалку 15 експлозии низ Криви Рих, родниот град на претседателот Володимир Зеленски и честа цел на руски напади.
Пожарите избувнаа во Криви Рих како резултат на напад на руски дрон, при што беа оштетени административна зграда, магацини, претпријатие и шест возила.
Според Укринформ, ова го објави на Фејсбук шефот на регионалната воена управа на Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
„Ноќта непријателот го нападна регионот со беспилотни летала. Како резултат на тоа, се случија неколку пожари во Криви Рих. Пожарникарите успеаја да го изгаснат пламенот. Во градот, административната зграда, магацини, едно претпријатие и шест автомобили беа оштетени“, се вели во објавата.
Русија и Украина се договорија да ги прекинат непријателствата во Црното Море, соопшти синоќа Белата куќа, наведувајќи детали од разговорите одржани во Саудиска Арабија.
САД соопштија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забраната за напади врз енергетски објекти во двете земји.
Двете земји се согласија дека „ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти американската влада, која посредуваше во преговорите.
Сè уште нема коментар од Русија, но руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана уништиле девет украински дронови во текот на ноќта, вклучително и два над Црното Море.
Ј. Ѓ.