На плоштадот „Клебер“ во Стразбур, стотици граѓани се собраа за да им оддадат поддршка на српските студенти кои, пред 13 дена, тргнаа со велосипеди од Нови Сад. Со оваа симболична акција, студентите протестираат и бараат правда за трагедијата од ноември минатата година, кога при уривање на настрешница во српскиот град загинаа 16 лица.
На плоштадот е поставен црвен тепих, се веат српски знамиња, а толпата држи транспаренти – најчесто со пораката „Пумпај“. Освен Србите, на дочекот присуствуваат и бројни Французи, како и поддржувачи од различни делови на светот.
Околу 80 студенти, кои на 3 април го започнаа своето патување од Нови Сад, се очекува да пристигнат во Стразбур во секој момент. Тие најавуваат дека ќе се обидат да допрат до европските институции, каде ќе бараат вистината за случувањата во Србија да излезе на виделина, а институциите да извршат притисок врз властите и да станат гласот на сите кои се замолчени.
Паралелно со настаните во Стразбур, илјадници српски студенти се собраа и пред зградата на Радиотелевизијата на Војводина (РТВ) во Нови Сад, која ја блокираат од вчеравечер. Тие го следат преносот во живо и го очекуваат пристигнувањето на своите колеги во срцето на Европа.