– Додека јавноста реагира за скандалот со братот на градоначалникот Бобан Стефковски кој дивееше по скопските улици а беше ослободен од МВР, се поставува прашањето кој ќе сноси политичка одговорност? Дали лично градоначалникот Стефковски се јавувал во Министерството за внатрешни работи за да изврши притисок за ослободување на неговиот брат?, прашуваат од СДСМ.
„Граѓаните заслужуваат чесно, одговорно и транспарентно раководење, а не злоупотреба на позицијата за заштита на привилегирани функционери, роднини и пријатели на ДПМНЕ. Тошковски беше принуден јавно да го признае скандалот со братот на Стефковски откако беше фатен жив, но граѓаните не се наивни, знаат дека да не го објавеше СДСМ ќе се криеше и понатаму и никој немаше да биде сканкциониран. Кој ќе ја преземе сега политичката одговорност за овој скандал?“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ги призна наводите од СДСМ за братот на градоначалникот Стефковски и најави кривична одговорност.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник по чија наредба не е казнет братот на градоначалникот на општина Гази Баба кој возел побрзо од дозволеното и наместо него е казнет сосема друг граѓанин кој воопшто нема врска со сторениот прекршок.