Северна Македонија, по минатогодишниот скок за две позиции, годинава бележи пад од шест места на Индексот за слобода на медиумите на меѓународната организација „Репортери без граници“, со седиште во Париз. Земјава е рангирана на 42. позиција, наспроти 36. местото во 2024 година, со влошување во три од петте индикатори.
Според извештајот за 2025 година, состојбата со медиумите во Северна Македонија е оценета како „задоволителна“, но земјата е на последното место меѓу државите кои ја добиле оваа оценка. Листата ги опфаќа 180 земји, а Северна Македонија е меѓу ретките во регионот со оваа категоризација. Покрај неа, во истата група се и Словенија, која напредува девет места и сега е на 33. позиција, и Црна Гора, која е 37-ма со напредок од три места.
Останатите земји од Балканот се рангирани пониско и се сместени во категоријата „проблематична состојба“. Така, Хрватска и Албанија се на 80. место, Бугарија на 70., Босна и Херцеговина на 86., Грција на 89., Србија на 96., а Косово на 99. позиција.
Во делот посветен на Северна Македонија, „Репортери без граници“ забележуваат дека иако новинарите не работат во непријателска средина, довербата во медиумите опаѓа поради ширењето на дезинформации и недостигот на професионализам. Таквата состојба ги прави независните медиуми подложни на закани и напади.
Телевизијата останува доминантен извор на информации, но значајна улога имаат и онлајн медиумите. Сепак, се прави јасна разлика меѓу професионалните онлајн редакции кои објавуваат оригинална содржина и порталите што само пренесуваат туѓи текстови.
Политичкиот контекст и понатаму формално дозволува слобода на печатот, но во пракса се забележува недоволна транспарентност на институциите и зголемен број напади врз критичките новинари. Се наведува дека и владејачките и опозициските партии имаат свои медиумски мрежи врз кои вршат политичко и економско влијание, а јавниот сервис нема ниту уредничка, ниту финансиска независност.
Иако Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, правната рамка сè уште не е целосно усогласена со европските стандарди. Особена загриженост предизвикуваат стратегиските тужби (SLAPPs) кои се користат за притисок врз медиумите, како и новиот закон што дозволува рекламирање на државните институции во приватни медиуми.
Во економскиот дел од извештајот се укажува дека уредниците на некои национални ТВ-канали се изложени на притисоци од сопствениците, дека државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми зависат од странски донатори. Се нагласува и дека новинарството е сè понесигурна професија, подложна на маркетиншки влијанија.
Од „Репортери без граници“ дополнително нотираат дека владините претставници често имаат непријателски и понижувачки однос кон новинарите.
Според деталната анализа, најголем пад е забележан во политичкиот индикатор – 9,07 поени, потоа во социјалниот – 4,19 и економскиот – 3,66 поени. Нешто подобри се резултатите во правната рамка (поенска разлика +0,25) и во безбедносниот индикатор (+0,01).
Во социокултурниот контекст се наведува дека, иако формално нема ограничувања, дигиталниот простор овозможува ширење дезинформации и сајбер-напади, што во комбинација со ниските професионални стандарди води кон опаѓање на јавната доверба и зголемен ризик за напади врз новинарите по основ на пол, етничка или верска припадност.
Кога станува збор за безбедноста, неколку инциденти – како палење имоти на новинари и полициско вознемирување – го намалиле чувството на сигурност. Од една страна, е назначен специјален обвинител за ваквите случаи во Скопје и се разгледува отворање на слични канцеларии низ земјата. Од друга страна, новинарите кои известуваат за правосудството се соочуваат со сериозен притисок.
На врвот на глобалната листа се Норвешка, Естонија, Холандија, Шведска и Финска. На дното се Еритреја, Северна Кореја, Кина, Сирија, Иран и Авганистан.
Ј. Ѓ.
Поврзано:
„Репортери без граници“: Слободата на медиумите низ целиот свет во 2025 година е на најниско ниво