Претставници на САД и Кина ќе одржат прва официјална рунда трговски разговори неделава во Швајцарија, откако двете земји си воведоа речиси блокирачки увозни царини, според американски и кинески владини извори.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, ќе се сретнат со кинескиот вицепремиер Хе Лифен викендов во Женева, во обид за деескалација на трговската војна иницирана од претседателот Доналд Трамп, јави денеска „Блумберг“.
Трамп во повеќе наврати тврдеше дека Пекинг контактирал со Белата куќа со цел решавање на спорот, и во интервју за „Тајм“ изјави дека добил телефонски повик од кинескиот претседател Си Џинпинг. Кина официјално ги негираше овие наводи.
Бесент за „Фокс њуз“ изјави дека постои „заеднички интерес“ за дијалог, но предупреди дека не се очекува да се постигне голема трговска спогодба.
-Најпрво треба да ја намалиме тензијата. Разговорите најмногу ќе бидат насочени кон деескалација отколку кон договор за нови услови за трговија, рече тој.
Според „Њујорк тајмс“, уделот на кинескиот увоз во вкупниот американски увоз паднал на11 отсто во првиот квартал годинава – најнизок процент од почетокот на векот. Министерството за трговија на САД објави дека во истиот период увозот од Кина изнесувал 102,7 милијарди долари. Пред седум години Кина учествуваше со над 22 отсто од вкупниот увоз.
Извори за „Ројтерс“, како што наведуваат западни медиуми, наведуваат дека во Женева ќе се разгледува можноста за намалување на царините, но и прашања поврзани со американските извозни контроли и неодамнешната одлука на Трамп да укине царинските олеснувања за мали пакети од кинеските платформи за онлајн трговија.