ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

Интервју со Кристина Костова: Мицкоски сака да владее во хаос, СДСМ се враќа со конкретни решенија

Потпретседателката на СДСМ во интервју за Фронтлајн зборува за политиките на ВМРО-ДПМНЕ и владата на премиерот Мицкоски, решенијата на СДСМ, коалициските „црвени линии“ и потребата за вистинска родова и социјална еднаквост.

May 10, 2025 09:49
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ИНТЕРВЈУ, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

„Функциите се минливи, важни се вредностите“ – вели Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ, во разговор за Фронтлајн, нагласувајќи дека борбата за социјална правда, еднаквост и европски вредности е постојана, а не партиски или изборно мотивирана. Функциите се минливи, но вредностите остануваат без разлика дали зборува како активистка или како потпретседателка на СДСМ, нагласува Костова. Tаа ги обвинува Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ за економски колапс, луксузирање со народни пари и намерно блокирање на ЕУ интеграциите. СДСМ, тврди Костова, нуди алтернатива базирана на конкретни решенија – зголемена минимална плата, намалени трошоци за граѓаните и одлучна борба против корупцијата.

Фронтлајн: Како се гледа Кристина Костова, како активистка за социјални права, борец за родови права, или потпретседателка на СДСМ?

Костова: Имајќи предвид дека сум долги години членка на СДСМ, но и гласна општествена чинителка, моето влијание и активизам не ги гледам изразени преку функции. Функциите се минливи, важни се вредностите за кои се бориме и имплементацијата на истите за подобрување на секојдневието во кое живееме. За да имаме поголем квалитет на живот, потребно е секој од нас да ужива исти права, да има еднаков пристап до услугите од јавните сервиси, да има можност да се изразува себеси без некому да наштети, но и да ужива институционална заштита од напади од оние кои се чувствуваат посилни.

Неприфатливи се политики на омраза, на дехуманизирање на помалубројните, на оние што традиционално немаат пристап до моќ. А, токму во насока на реализирање на социјалдемократските вредности е обезбедување рамноправност и еднаквост за сите, како и разбирањето дека силата на едно општество произлегува од грижата на заедниците едни за други, а не во индивидуализмот и надмоќноста на вечно привилегираните. Борбата за родова еднаквост и социјални права е вткаена во социјалдемократијата. Оттаму, нема рангирање на едното наспроти другото, туку константна работа и посветеност да го направиме нашето општество подобро за сите.

Фронтлајн: Кои се, според Вас, клучните слабости во работата на Владата на Мицкоски, и како го коментирате новиот политички распоред, особено со превирањата во ВЛЕН и излегувањето на Арбен Таравари?

Костова: Владата предводена од ДПМНЕ и Мицкоски покажува очајни резултати на поле на економија и животен стандард и тоа е највидлива слабост на долгиот список нивни недостатоци. Народот тоне во сиромаштија, не се исплаќаат плати навреме, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 500 евра, што е минимум за пристоен живот.

Додека индустриското производство и извозот паѓаат, а цените на режиските трошоци се качуваат, додека странските инвестиции си заминуваат, а проекциите на Светска банка покажуваат најнизок економски раст во регионов, Владата на ДПМНЕ и Мицкоски троши народни пари за да се луксузира со егзотични производи како манго и папаја, за да владини претставници се гоштеваат во скапи ресторани во Скопје, но и на прескапи екскурзии во САД, ОАЕ и Јапонија. Од народни пари шетаат, летаат во бизнис класа и престојуваат во прескапи хотели. Шетаат само за да се прошетаат, а нема никаков видлив придонес на надворешен план од нивните екскурзии.

Ова е Влада со најслаб старт и најмногу скандали во толку краток период. Тоа, се разбира, се одразува врз коалициските врски. Внатрешните проблеми се рефлексија на лошите резултати и лошиот перформанс на целата Влада, која повеќе се занимава сама со себе, а не испорачува.

Фронтлајн: СДСМ ја носи етикетата на проевропска партија. Што денес значи тоа во пракса, и кои реформи ги сметате за најитни за да се одблокираат преговорите со ЕУ? Со кого има спор нашата земја за интеграција во ЕУ – со ЕУ, со Бугарија или со самите себе?

Костова: Од лидер во евроинтеграции и реформи во регионот, Македонија за само десет месеци владеење на ДПМНЕ стана „тажна приказна на Балканот“ и тоа јасно ја насликува сликата за кочничарите на евроинтегративниот процес.

Благодарение на искрената про-ЕУ политика на Владата предводена од СДСМ, Македонија предничеше пред сите овие држави како приоритетна од западен балка, и во ист пакет со соседна Албанија. Сега сме без изглед да бидеме опфатени од следниот бран проширување, а штетите од тоа се далекусежни, повеќестрани и ќе го продолжат трендот на иселување на младите и бесперспективноста.

Исклучително лоша за државата и нејзините граѓани е позицијата во која во моментов се наоѓа Македонија на картата на Европската Унија, а благодарение на самоволието на ДПМНЕ. Имено, во разговорите за ново проширување на Унијата, Македонија е исклучена од сите планови и комбинаторики.

Македонија преговара со ЕУ и секој понатамошен спор ќе се решава во рамки на Унијата, а не во билатерален однос. ДПМНЕ реши да го билатерализира спорот и со тоа свесно да ја закочи државата. ДПМНЕ тоа и го сака: да дискутираме за затворање отворени шахти како најголем успех на Владата и да ги гледаме соседите како отвораат нови поглавја и одат забрзано кон Европската Унија. ДПМНЕ ниту имаше план, ниту реална желба нешто да подобри по ова прашање, туку само да го закочи патот за да владее во хаос и неизвесност. Очекуваме ДПМНЕ да се изјасни околу начинот и патот по кој смета дека треба да се одблокира и одвива интеграцискиот процес.  

Фронтлајн: Парламентарните изборни резултати покажаа пад на довербата во СДСМ, но по последните внатрепартиски избори, претседателот Филипче вели партијата се консолидира. Како планирате да ја вратите поддршката кај гласачите, дали размислувате за нови коалиции и кои се „црвените линии“ во евентуални партнерства и за локалните избори?

Костова: СДСМ нуди платформа за предизборно коалицирање со сите кои ѝ мислат добро на земјава, а засновано на почитување на социјалдемократските и про-европски вредности, за реализација на потенцијалот на заедниците, а против политиките на изолација, ширење омраза и нетрпеливост, против политики на неправедна распределба на средствата и економска девастација на мнозинството. Гледано на овој начин, црвените линии сами се исцртуваат и е јасно дека оние што престојуваат во Белата Палата и оние кои ги поддржуваат нивните погубни политики се непосакувани коалициски партнери за СДСМ.

Ја враќаме поддршката од граѓаните со понуда на конкретни решенија за подобрување на животниот стандард. Нашата опозициска работа не е сведена само на голо критизерство, како што тоа беше случај со ДПМНЕ во минатото. Ние нудиме конкретни решенија за зголемување на минималната плата на 500 евра, но и намалување на цените на основните производи. СДСМ нуди решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес. И како опозиција, работиме во интерес на државата, во интерес на граѓаните и тоа ќе биде препознато и вреднувано. 

Фронтлајн: Какви се приоритетите на СДСМ за претстојните локални избори – и во однос на теренската стратегија и во програмските понуди? Во кои општини очекувате најголема борба и – победа?

Костова: Во изминативе три и пол години, ја увидовме девастирачката работа на ДПМНЕ во водењето на локалната власт. Квалитетот на комунални услуги е практично непостоечки, иако сметките за комунални услуги се покачени во речиси сите Општини под водство на ДПМНЕ.

Три и пол години ги арчат парите на граѓаните, а не покажаа резултати на локално ниво. Затоа Мицкоски нè задолжи сите нас со милијарда евра, за да им даде финансиска инјекција на дпмневските градоначалници, за тие да можат да изглумат дека нешто правеле. Исто така, во секоја Општина водена од ДПМНЕ, градоначалниците се поврзани во шеми кои укажуваат на криминали и злоупотреби.

Мораме да ставиме крај на расипничкото и недомаќинско работење на градоначалниците од редовите на ДПМНЕ.

Затоа, наш приоритет е да понудиме решенија за проблемите на жителите на секоја Општина, а во насока на остварување подобри животни услови, зголемен квалитет на услугите кои граѓаните ги добиваат, како и одлучна борба против корупцијата.

Очекуваме успех во средините во кои граѓаните ги препознаваат нашите напори за подобри животни услови досега, но и онаму каде се незадоволни од фушерајската работа и шемите за испумпување милиони преку тендери и трошење на парите на граѓаните за лично богатење на поединци.

Фронтлајн: Има ли внатрепартиски дебати во СДСМ за теми како родовата еднаквост, ова особено ако се земат идеолошките разидувања по ова прашање на некои истакнати политички фигури од редовите на СДСМ?

Костова: Во секоја демократска партија е потребно и посакувано често да се водат дебати, особено за така важни прашања како што е тоа родовата еднаквост и права на различни видови малцинства. СДСМ е партија во која секогаш има простор за разлики во ставовите. Но, правата на сите, особено на маргинализираните, не смеат да бидат жртвувани на олтарот на строгите норми кои ги одржуваат застарените динамики за одржување статус кво и доминација на најмоќните.

Социјалдемократската ширина налага да се бориме за и во име на обесправените, а во овие нови глобални текови и против опасните пропагандни механизми за дехуманизирање и угнетување на малкутемина непривилегирани.

Ова е постојана борба не само во наши, туку и во светски рамки. Но, со вистинска и искрена посветеност на вредностите кои нѐ обединуваат, верувам дека можеме да се избориме за реализација на нашите идеали, кои значат напредно, отворено и слободно општество.

Фронтлајн: Дали во СДСМ постои внатрепартиска дебата и зајакнување на програмските определби и политичката ориентација, особено што се однесува до меѓуетничките и меѓуверските односи, човековите права и слободи, еднаквоста и правичната застапеност?

Костова: И низ годините, а и сега, ваквите дебати се покажале како особено корисни, затоа што го издигнуваат партискиот дух и сила, но и го зацврстуваат општественото ткиво. Низ годините, тие внатрепартиски дебати и борби за унапредување на рамноправноста, човековите права и слободи и правична застапеност се прелеале и во општественото уредување, преку конкретни законски решенија.

Како земја, имаме уште многу да сработиме на план на демократско унапредување и поголеми слободи и права за сите.

Но, она што е важно да го препознаеме е дека нема гаранција дека вечно ќе трае еднаш освоената слобода, дека еднаш добиените права вечно ќе ги уживаме. Демократијата е кревка и кршлива и треба постојано да работиме на нејзино одржување и унапредување. Затоа треба постојано и да дебатираме, но и да се едуцираме, себеси, но и околината и новите генерации.

Редакција Фронтлајн

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: интервјуКристина КостоваСДСМФронтлајн

НАЈНОВО

Костова за Фронтлајн: Функциите се минливи, важни се вредностите за кои се бориме

May 10, 2025
Никола Писарев

Наместо владин авион Меморијален мултимедијален центар во Кочани

May 10, 2025

НАСА: Браната Три Кланци во Кина ја успори ротацијата на Земјата

May 10, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Интервју со Кристина Костова: Мицкоски сака да владее во хаос, СДСМ се враќа со конкретни решенија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ако не сакаш да бидеш Европеец ќе бидеш ништо и затоа е добро да не сакаш!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ЕУ останува сон за Македонија, смелите одлуки „пекол“ за политичката елита!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Бензински пумпи во Солун и Атина инсталирале софтвер со кој се точела помала количина на гориво

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Спротивставувајќи се на Трамповата Америка

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk