Она што се случи денеска е доказ дека Путин е тој што ги одолговлекува работите и предизвикува одложувања на прекинот на огнот. Мора да имаме санкции бидејќи Путин ја продолжува својата агресија на овој начин, изјави британскиот премиер Кир Стармер, на заедничката прес-конференција во Тирана, со неговиот албански колега Еди Рама.
-Веќе неколку месеци Украина е јасна во однос на прекинот на огнот. Путин беше агресор и го попречува мирот, ова е Русија и тој е Путин. Ова е доказ за она што го реков, Путин е тој што ги влече работите надолу, рече Стармер околу неучеството на рускиот претседател Владимир Путин, на мировните преговори денеска во Турција, објавија албанските медиуми.
Од своја страна, Рама, откако иронично кажа дека ни најмалку не чувствуваат носталгија, што „ниту еден руски претседател или премиер не стапнал во Албанија и никој од тука не одлетал во Русија“ ја повтори поддршката на неговата земја за Украина.
Во неговиот познат стил тој одговорил и на прашањето на британски новинар, за двајцата премиери, дали разговарале за прифатни центри за мигранти во Албанија „Ние сме верни на бракот со Италија, а останатото е љубов“.
-Бев јасен уште од првиот ден кога го започнавме процесот со Италија, тоа беше единствен договор со Италија поради нашиот посебен однос, но и поради географската положба што е доста значајно. Да бидам искрен со вас, многу земји прашаа, а ние рековме не. Ние сме верни на бракот со Италија, а останатото е љубов, рече Рама.
Неговиот гостин изјави дека за ова прашање разговарале со голем број земји, и оти истото го гледа како иновативно и важно прашање.
-Тоа што сакам да го направам е да го зголемам бројот на овие центри за реадмисија. Работата што ја направивме со Албанија, со потпишаните договори, е од витално значење. Мило ми е што ги покривме празнините и вративме 24 илјади албански граѓани кои дојдоа нелегално, додал тој.
И двајцата оценија дека е вистинска привилегија што за првпат во посета на Албанија е британски премиер, што е „доказ за силните односи што постојат меѓу двете земји“.