Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека во моментов Србија има поважни прашања од избори, и според неа, тоа е „економскиот развој да се надомести сето она што е изгубено поради блокадите“.
„Мнозинството во српскиот Парламент е апсолутно стабилно… Имаме пратенички групи во Парламентот што се намалуваат и се распаѓаат, нашето мнозинство е целосно стабилно“, изјави Брнабиќ за РТС.
Таа додаде дека не се занимава со избори, бидејќи се знае која е надлежната институција за нивно свикување, а тоа е претседателот на државата.
Брнабиќ изјави дека очекува на почетокот на јуни да се одржи седница на која ќе се дискутираат три закони за медиуми, како и предлогот на Законот за фонд за алиментација.
„Очекувам дека во јули, на седницата, ќе дебатираме за предлогот на Законот за Единствен избирачки список“.
Таа рече дека процесот за избор на членови на Советот на РЕМ е целосно транспарентен и инклузивен, „за избор на девет членови за Советот на РЕМ, добивме 45 кандидати од 177 организации“.