Попладнево во 14:30 часот на градилиште во поранешната битолска касарна падна кран. Нема повредени лица.
Во изјава за МИА, портпаролката на СВР Битола Сања Стаматова истакна дека случајот во СВР Битола го пријавил граѓанин, а веднаш потоа на терен излегла увидна екипа.
-Во 14:30 во СВР Битола пристигна пријава од граѓанин, а потоа и од уште неколку други граѓани кои забележале дека паднал кран на градилиште во поранешната касарна. Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен, извршија увид и констатираа дека нема повредени лица, ниту пак има пријава за повредени лица во битолската Клиничка болница. Сепак, според процедурата, вршиме утврдување на причините за пад на кранот, изјави Стаматова.
Поранешната касарна во Битола од поодамна е градилиште. Бројот на станбени објекти се зголемува и тој простор станува нов урбан дел на градот.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и неговиот заменик Бојан Бојковски во придружба на пратеникот Пеце Милевски ја посетија локацијата каде попладнево падна кран од градежен објект во поранешната касарна.
Според градоначалникот Коњановски најважно е што според официјалните податоци нема повредено лице од падот на кранот во објектот што е во изградба.