Унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна денеска во Будимпешта со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со што покажа дека продолжува да го поддржува и покрај фактот што Европската унија го смета за одговорен за загрозување на уставниот поредок на Босна и Херцеговина, јавуваат регионалните медиуми.
Уште во март, Судот на БиХ издаде налог и нареди притвор на Милорад Додик откако тој одби да се јави на поканата на Обвинителството на БиХ за сослушување како дел од истрагата отворена против него за напад врз уставниот поредок, но сегашниот претседател на Република Српска повторно успеа да ја премине границата на БиХ и да отпатува во Унгарија.
Бидејќи го бараше полицијата во Босна и Херцеговина, тој отпатува во Србија и Русија, чии власти исто така го поддржуваат.
Сега, по покана од Будимпешта, тој пристигна таму на „работен“ состанок со Виктор Орбан.
„Република Српска е среќна затоа што има пријател како Виктор Орбан“, напиша Додик на социјалната мрежа X со фотографија од него заедно со унгарскиот премиер во градината до неговата канцеларија.
Република Српска је срећна што има пријатеља као што је @PM_ViktorOrban. pic.twitter.com/AMZsYFAEIZ
— Милорад Додик (@MiloradDodik) June 5, 2025
Во февруари, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и му изрече забрана за политичка активност во траење од шест години поради кршење на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
Д. Т. / Цивил Медиа