Живееме во време кога еколошките кризи повеќе не се апстрактни закани, туку секојдневна реалност со директно влијание врз јавното здравје, безбедноста на храната, економијата и социјалната благосостојба. Зголеменото загадување во урбаните средини, загубата на биодиверзитетот, притисокот врз природните ресурси и климатската несигурност бараат координиран одговор, базиран на докази и долгорочна визија, рече денеска министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, отворајќи ја првата конференција „Заедно за одржлива животна средина”.
Како што истакна Меџити, целта на конференцијата е да ги поттикне дијалогот и координацијата меѓу клучните актери: јавните институции, меѓународните партнер, научната заедница, индустријата, невладиниот сектор и граѓаните.
-Целта е јасна, да изградиме интегриран и одржлив пристап кон животната средина со кој таа ќе се третира како основа на националниот развој. Целиме да изградиме одржлив механизам за еколошко управување што ќе го мери напредокот, ќе ги идентификува празнините и ќе ги реформулира политиките за управување со природните ресурси, потенцира министерот.
Конференцијата предвидува две панел дискусии, едната за заштита и управување со природни ресурси, а втората за одржливо управување со отпадот и транзиција кон циркуларна економија. Како што напомена Меџити, оваа конференција ќе се организира секоја година на 5 јуни, по повод Меѓународниот ден на животната средина.
Министерот Меџити по обраќањето ја прогласи за официјално почната и националната кампања „Одржлива иднина”.