Премиерот Христијан Мицкоски јавно ѝ објави „војна“ на најголемата партија на Албанците во Северна Македонија, Демократската унија за интеграција. Тој во својот говор во Велес по повод годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ најави правда и борба против системот кој ги штити криминалците и борба за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ.
– Сакам да порачам дека наредните два изборни циклуси локалните избори кои следат, и парламентарните избори, кога и да се одржат, ќе биде борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата. Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, втората борбата за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ. И како што ветив дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа беше моето прво исполнето ветување на оваа гарнитура така сега ви кажувам во оваа држава мора да има ред и да се почитуваат законите, нагласи премиерот.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, размислува поинаку. Тој вели дека секој пат кога го слушам премиерот како вели дека најголемото достигнување на оваа влада е победата над ДУИ (читај: над Албанците), толку повеќе сум убеден дека следните избори нема да бидат избори, туку референдум.
Во меѓувреме, пратеничката на ДУИ, Арта Билали Зендели, вели дека колку повеќе премиерот зборува за испраќање на ДУИ во опозиција, толку повеќе Конкурси со нула Албанци ни се појавуваат пред очи.
– Затоа што, неговата кауза „ДУИ во опозиција“ сега се реализира како кауза „Нула Албанци во разни Конкурси“. Нека се обиде да ги почитува Албанците и нивните демократски права со тоа што ќе им даде соодветен институционален простор, бидејќи ДУИ Е ВО ОПОЗИЦИЈА, реагираше пратеничката.
Од друга страна, оваа реторика на Мицкоски предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Во нив меѓудругото се вели дека реформите треба да започнат од вокабуларот и реториката на Мицкоски, од однесување до постапување.
„Не е ли ова доказ дека Мицкоски треба да се реформира?“
„Реформите треба да започнат од вокабуларот, од однесување до постапување“.
„Таквата радикална реторика, однесување и во минатото ни донесоа многу страдања, тешкотии и сиромаштија“.
„Патот што води кон напредок и перспектива, не е ваков!“. Ова се дел од реакциите на социјалните мрежи.
Дестан Јонузи