Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се очекува Законот за правична и соодветна застапеност наскоро да биде донесен на владина седница. Мицкоски рече дека потоа ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија, последниот филтер пред да влезе во собраниска процедура.
– Законот за правична застапеност е готов, се очекува да биде донесен на следните владини седници, за да се информира јавноста, потоа ќе го однесеме до Венецијанската комисија на мислење, нормално ќе чекаме мислење од Венецијанската комисија, и да видиме, ако сме направиле нешто како што треба, веднаш ќе го пуштиме во собраниска процедура, изјави Мицкоски.
Спротивно на Мицкоски, албанските опозициски партии мислат поинаку. Тие бараат да се донесе Законот за правична и соодветна застапеност, а потоа да се испрати до Венецијанската комисија.
– Алијансата за Албанците со загриженост го следи долготрајниот процес за изготвување и усвојување на Законот за правична и соодветна застапеност во државните и јавните институции. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека законот прво ќе помине низ Владата, а потоа ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија, пред да се изгласа во Собранието, предизвикува длабока загриженост за намерните одложувања и тактиките на блокирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините владини партнери од коалицијата ВЛЕН, кои или не ја разбираат важноста на ова прашање, или се заслепени од жедта за моќ. Искуството со Законот за употреба на јазиците го покажува реалниот ризик од долги одложувања. Овој закон беше испратен до Венецијанската комисија на 22 јануари 2019 година, а пријателското мислење беше вратено дури на 4 мај 2025 година – по цели шест години чекање, велат од Алијанса за Албанците.
И Демократската унијата за интеграција секојдневно го изразува својот револт и загриженост за институционалната деградација на Албанците.
– ДУИ бара итна институционална реакција и покренување независна истрага за да се гарантира фер и пропорционална застапеност на Албанците на сите нивоа на јавната администрација, од раководни позиции до извршни позиции. Дискриминацијата не може да се нормализира. Молчењето не е опција. Рамноправноста е непреговарачка, велат од ДУИ.
По укинувањето на Балансерот, од коалицијата „Вреди“ најавија дека подготвуваат предлог-законско решение.
Дестан Јонузи