Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога во време на жешките мајски денови ’68-та го прашале Де Гол зошто не го апси филозофот Сартр, како наводен инспиратор на тие настани што започнаа во славната Сорбона, тој рекол – Франција не ги апси своите Волтери. И тогаш, но и денес, оваа изрека е онолку вткаена во француското милје колку и неговата идеја со неговиот политички врсник Аденауер да ја основа Европската унија. Тие паралелни процеси – и во економијата ама и во духовноста, односно политичката принципиелност – ја држат Унијата онаква каква што ја знаеме.
Затоа или попрецизно – и само затоа, кога деновиве битно се редуцира одбраната на тие идеали, претставени и низ реалното согледување на украинската трагедија е толку силно само во институциите на Унијата, која, рака на срце, стана малку преширока, па и на нејзините географски краеви – се гледаат многу атавизми.
Поводот за овие реченици е во сознанието дека нашиот колега Џабир Дерала го изгуби спорот со премиерот и неговиот министер за внатрешни во парница, покрената нормално од споменатите двајца затоа што во свој медиум пренел текст напишан во друг медиум, кој, ете не е тужен како евентуален извор за содржина која на тужителите им се чинела спорна. Ова не значи никаков став за изворот на главоболката на двоецот Мицкоски-Тошковски, која и не ја знам, туку за методологијата по која некој, во овој случај – судот, ги донесува своите пресуди!
Со оваа пресуда се продолжува практиката на претходникот на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на столетието кога, во периодот после изборите во 2008 година, во време на реалниот скок на популарноста на Груевски со антиквизацијата и изолационизмот, во писарниците на судовите имаше 600 тужби против новинари. Имаше тука еден мал парадокс – самиот Груевски не се појавуваше како тужител, туку тие беа на неговите гавази во повисоките ешалони, кои на овој начин му ја покажуваа својата верност.
Таа кумулација на тужибаби ја прекина самиот Груевски кој во еден миг сфати некои работи, па даде партиски налог сите тие тужби да се повлечат. Така и би. Така покажа некаква дистанца од оние околу него. Ова секако не го спречи во мигот кога популарноста започна да се лула, доста брутално да се пресмета со телевизијата А1, да не заборавиме.
Оваа бесмислена тужба против Дерала која секако си прави свои последици, пред сè, во однос на чувството за правда и нејзино поддржување од судски систем, е само показател колку сме далеку од вистинските европски вредности кон кои навидум тежнееме!
Просто се доградува таа атмосфера на недопирливост на власта по сите можни шевови, а се користи ситуацијата кога опозицијата по правило не успева да дефинира своја политика на одбрана на своите ставови.
Пред сè, тука мислам на европските вредности и низ сферата на медиумите, за која никогаш и немале добра стратегија во периодот на општествената транзиција. И тоа секогаш одело и ќе оди на штета на оние – како Дерала – што истите вредности ги бранат наоружани само со својата совест.