Денеска е 100-тиот ден од трагедијата во Кочани, а граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ низ центарот на Скопје постави 100 пораки од граѓаните за системот.
Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира, напишаа на Фејсбук од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.
Утрово пораките беа оставени низ различни локации во центарот на Скопје и пред клучни институции преку кои е искажан бол и тага, гнев и бес, сè до јасни, недвосмислени повици за борба, за слобода, за правда.
Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме.Овие 100 крика за подобар систем не се само минливи желби и фантазии, ниту реторички прашања, туку критики за овој систем што нè убива. Наведнатата глава не ни помага – сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите – и да ги здружиме – и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот, наведуваат „Кој е следен?“
Фото: Кој е следен
Од граѓанската иницијатива испраќаат извинување до Кочани – „што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме“.
И истакнуваат дека правда мора да има.
Преземено: Нова ТВ