Премиерот Христијан Мицкоски, кој го издигна на највисоко ниво гласањето за предлог извештајот за Mакедонија во Европскиот парламент, доживеа дебакл во Брисел.
Според утринското гласање во Комитетот за надворешни работи на ЕП, зад него не застанаа неговите сојузници, Групата на народните партии (ЕПП), а нивниот преставник најави дека со идентична позиција на парламентарната седница околу извештајот ќе излезат и Зелените и европарламентарците од политичката група Обнова. Практично во ЕП утрово ЕПП предложи дополнителен устен амандман според кој во делот за македонскиот јазик и идентитет требаше да се додаде описот „модерен“, но поради противењето на шест европарламентарци тој не можеше да биде ставен на гласање. Но, Мајкл Галер од групата ЕПП најави дека истиот амандман ќе биде предложен и на пленарката каде што конечно треба да биде усвоен извештајот за Македонија кој денес помина во Комитетот, и тоа засилен со поддршка на уште две парламентарни групи.
Со оглед на тоа дека минатата година воопшто не беше усвоен извештај за Македонија во ЕП, за известувачот Томас Вајц и самото поминување на првата пречка за извештајот беше успех.
„Денес го усвоивме првиот извештај за Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, соопшти Вајц.
На гласањето му претходеше нервозна атмосфера која се почувствува и во обраќањето на претседавачот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер, кој нагласи веднаш дека еднаш лани не бил усвоен извештај за Македонија и дека се надева дека тој ќе помине денес – бидејќи на ЕП и треба позиција за ова прашање од Парламентот.
Тој гласно и јасно се огради од нападите врз известувачот Томас Вајц оценувајќи ги како лични и како засновани на неточни тврдења дека неговите оценки во извештајот се пристрасни, т.е. договорени со нашата држава.
„Сите страни заслужуваат да бидат сослушани пред да се заземат позиции за било кои прашања“, им упати порака Мекалистер на бугарските пратеници кои приговараа и ги осудија како нешто несвојствено и неприфатливо за ЕП средбите и разговорите на известувачот со македонски политичари и функционери.
Практично, да не беше дебаклот со поддршката за Мицкоски од страна на Европските народни партии, денешното гласање ќе беше најава за позитивен извештај за Македонија во делот на македонскиот јазик и идентитет, но вака останува неизвесно каков ќе биде крајниот епилог во ЕП поради големиот број членови на ЕПП во Парламентот, иако Вајц нагласи дека денес му се приклонило широко мнозинство, практично без „модерниот“ амандман за Македонија. Со своите изјави и драматизирања на извештајот премиерот практично ги мобилизираше бугарските пратеници да го спречуваат усвојувањето на амандманите со кои се споменува македонски јазик и македонски идентитет, што стана централна тема, иако во извештајот има констатации кои покажуваат колку страшно стои или дури назадува Македонија во секоја реформа, при пто се бара дури и напор да се исчисти воздухот!
Имено, во извештајот на Вајц јасно се гледа дека борбата со корупцијата назадува, дека изборните реформи не се прават, дека партизацијата продолжува, па и дека се лоши состојбите и во некои други области кои не беа ни споменувани во извештаи досега. Генерално, во извештајот на Вајц сепак се потенцира потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, се потенцира во Предлог-извештајот на Вајц.
Затоа, пак , стои дека дека политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и дека иако се направени измени во Изборниот законик, сè уште е потребна сеопфатна изборна реформа, поради што повикува на спроведување на преостанатите препораки дадени од ОДИХР и Венецијанската комисија.
Во извештајот по којзнае кој пат се отвора прашањето за подобро регулирање на финансирањето на политичките партии и кампањите, на што сите во Македонија се глуви со години, иако тоа е главен извор за корупцијата во системот. Се повикува и на континуирана модернизација на јавната администрација заснована на заслуги, на справување со системските предизвици на политизацијата и транспарентни вработувања. Извештајот повикува и да се обезбеди системска одговорност на јавните институции, па дури ги повикува властите на Македонија да се воздржат од „непроѕирни, политизирани отпуштања и назначувања на позиции во независни тела и агенции“.
Во извештајот се повторуваат барањата за сеопфатна реформа на правилата што го регулираат државното финансирање и рекламирањето на политичките партии во медиумите и со загриженост се забележуваат континуираните закани и напади врз новинарите, при што како позитивно се поздравува назначувањето на посебен обвинител за овие случаи.
„Со сериозна загриженост се забележува дека резултатите на земјата во борбата против корупцијата се влошува, особено поради измените во Кривичниот законик кои ја ослабнаа правната рамка, што резултираше со прекинување на многу тековни случаи“, стои во извешптајот. Во него се нагласува „итна потреба од подобрување на квалитетот на воздухот“ и се бара од властите да ги засилат мерките за биолошка разновидност, заштита на водата, воздухот и климата и регионално управување со отпад.
ЕП ги повикува властите исто така да ги засилат напорите за надградба на транспортната и енергетската инфраструктура и регионалната поврзаност и да се справат со постојаните доцнења во нивниот развојот, веројатно со асоцијација на Коридорот 8.
Предлог-извештајот беше пропратен со Објаснувачка изјава на Вајц во која тој наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо довеле до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ. Но, дека во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.
„Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања“, истакнува Вајц, кој претрпе напади како ниту еден известувач за Македонија досега.
Австрискиот европратеник во Изјавата додава и дека за да се надмине бугарското вето за старт на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Северна Македонија, при што ЕУ делуваше како гарант за нивното спроведување“.
– Т.н. „француски предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови, потенцира Вајц меѓу другото во Изјавата.
Премиерот Мицкоски со денови подготвуваше терен и ова гласање (за кое му помогнаа социјалдемократите во ЕП и групата на либералите, покрај тие на Виктор Орбан) да го прогласи за успех, односно за доказ дека конечно излегла на површина вистинската бугарска стратегија за непризнавање на македонскиот идентитет.
Предлог-извештајот за земјава за 2023 и 2024 година веќе беше на дневен ред за усвојување на седницата на АФЕТ на почетокот на овој месец, но гласањето по него беше одложено за денес поради барањето на бугарските пратеници целосно да се повлече од агендата. Сега останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент кое е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.
По гласањето, бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“. Исто така при гласањето практилно беа одбиени амандманите на бугарските европарламентарци со кои ја спореа усогласемноста на Македонија на ндворешната политика на ЕУ поради приклонувањето кон резолуцијата на САД за Украина и тој со кој се осудуваше судскиот процес против претседателот на забранетото здружение на Бугарите „Ванчо Михајлов“. Самиот факт дека ЕПП најави нов амандман за јазикот со описот „модерен“ потврди дека амандманите со македонскиот јазик и идентитет поминале во АФЕТ, иако се уште нема потврда за тоа бидејќи компромисните амандмани не се објавени.
Инаку извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон ЕК беше одобрен со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 воздржани.
Слободанка Јовановска / Независен.мк