Македонија повеќе од една деценија ја следи патеката на интеграција во Европската унија, со надеж дека ќе стане полноправна членка. По потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година и решавањето на долгогодишниот спор со Грција околу името, земјата направи значителни чекори напред во европските процеси. Меѓутоа, патот кон ЕУ останува сложен и исполнет со предизвици. Најново и со политички калкулации, особено поради ставот на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, да не се изгласаат уставните измени, со што го блокираат почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Христијан Мицкоски да даде јасен временски рок за преговорите и потенцираше дека досега никогаш не било преговарано за македонскиот јазик и идентитет. Тој изрази загриженост од евентуалниот амандман во Европскиот парламент кој би го означил македонскиот јазик како „модерен“, што би можело да има негативни импликации врз суверенитетот и идентитетот на земјата.
– Дали во временските рамки на овој мандат на Владата имате утврдено временски лимит до кога ќе се обидувате да изнајдете некаква промена на нашата преговарачка позиција или нема никаков временски лимит односно целиот мандат на оваа Влада може да помине во тоа што вие го велите изнаоѓање на подобра преговарачка позиција, вели Филипче.
Премиерот Мицкоски возврати дека ако СДСМ имала подобри преговарачки позиции, немало да дојде до негирање на македонскиот јазик преку бугарските амандмани во Брисел. И покрај тоа, тој изјави дека ќе се залага за продолжување на преговорите со ЕУ, но не по секоја цена, нагласувајќи дека не сака да се направат отстапки кои, како што рече, би ги навредиле модерните Македонци.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, во емисијата „Само интервју“ се осврна на предлог амандманот на ЕПП во Европскиот парламент, во Извештајот пред терминот „македонски јазик“ да се додаде „модерен“.
Според Маричиќ, во преговарачката рамка јасно пишува македонски јазик и дека тоа прашање е затворено.
„Јас мислам дека може на крајот да излезе дека ова е експеримент кој ќе заврши на штета на Македонија. Се надевам дека нема да се усвојат оние амандмани кои ги предлагаат бугарските европратеници од сите групи и дека тоа ќе биде спречено и треба сите да се ангажираме да биде спречено. Зошто мислите дека ние во овој момент имаме нешто посилно од тоа што веќе го имаме во преговарачката рамка? Ние во нашиот 7 годишен мандат, не сме дозволувале да се дискутира за било какви придавки на македонскиот јазик“ порача Маричиќ.
Тој потсети и на преземените чекори во однос на Бугарија и евроинтеграциите, за време на владеењето на Владата предводена од СДСМ.
„Во 2022 беше последниот извештај на ЕП, во 2023 година беше еден деликатен период кога во Бугарија се чекаше да се формира Влада и мислам дека Илхан Ќучук учествуваше во тој процес, наш добар пријател, меѓутоа во тој период тој напиша еден извештај кој беше прилично еднострано претставен, пробугарски и ние кога го видовме тоа се обидовме да разговараме со европратеници кои што беа од групата на социјалисти и демократи да помогнат тоа да не се изгласа. И во заедничка акција, дел од нив, изреагираа и не се донесе никаков извештај. Изразивме став да подобро е да нема никаков извештај, отколку да има таков каков што беше. Зошто да не го побараме тоа и сега? Нас не ни треба извештај во кој ќе се додаде „современ македонски јазик“. Било каква додавка, придавка, не треба да има, ниту за јазикот ниту за идентитетот. Ние сме се избориле за тоа во преговарачката рамка“ заклучи Маричиќ.
Министерот за надворешни работи Муцунски, пак, не разбирал што е тоа „модерен“ македонски јазик – предлогот што пратеници од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ го поднесоа во ЕП.
Актуелната власт, посочува шефот на дипломатијата, е внимателна во донесувањето одлуки кои би можеле да имаат далекусежни последици. Дополнително, вели тој, за нас како држава клучно е патот кон полноправно членство да биде предвидлив.
– Да знаеме дека доколку одлучиме да донесеме некоја крупна одлука којашто е тешка, којашто е комплексна и создава поделби во нашето општество, таа ќе биде последна од таков вид. Посебно по развојот на состојбите во рамките на АФЕТ, станува сè поочигледно, дека не се работи за уставни измени, туку за нешто покомплексно, посебно кога е во прашање односот на Бугарија кон македонското прашање – однос којшто навлегува во теми во коишто е неприродно да се навлегува во 21. век, посебно меѓу два НАТО-сојузника. Јас сè уште не можам да разберам што е тоа модерен македонски идентитет и модерен македонски јазик, како што има обид да се вметне во овој документ од Европскиот парламент и во таа смисла мислам дека во моментот, ценејќи ги околностите, не мислиме дека има создадено услови за уставни промени, бидејќи, очигледно е дека уставните измени се веројатно најмалото барање кое го има планирано Бугарија во однос на македонското прашање, вели Муцунски.
Министерот кажа и дека во сложено време на геополитичките состојби, безбедносно-стратешко прашање за Европската Унија е да го интегрира целосно регионот на Западен Балкан во Унијата и дека ЕУ треба да покаже дека нема да дозволува поединечни земји членки да ја попречувааат таа стабилност поради идентитетски прашања.
Последните случувања во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, каде што не беше прифатен амандманот со додавката „модерен“ пред македонскиот јазик и идентитет, укажуваат на тензии и натамошни пречки во европскиот пат на Северна Македонија. Амандманот повторно ќе се разгледува на пленарната седница во Стразбур од 7 до 10 јули, што ја одржува неизвесноста во процесот.
Дестан Јонузи