Уставиот суд на 15. седница одржана на 2 јули годинава оцени дека не е основано барањето на подносителот Андреј Димовски во кое тврди дека е дискриминиран по основ на социјален статус повикувајќи се на член 110 алинеја 3 од Уставот, но исто така е неосновано дека Судскиот совет преку Решение за оценување на неговата работа сторил повреда на правото на еднаквост уредено со членот 9 од Уставот.
Во овој случај, според Уставниот суд, отсуствува суштинскиот елемент за оценување при нееднакво постапување(дискриминација), а тоа е компаратор, односно лице кое било во слична или релевантно споредлива ситуација, а било третирано поинаку. Во оваа насока е и праксата на ЕСЧП која е користена во рефератот и според која компараторот е нужен критериум за да се оцени дали Судскиот совет постапувал без објективно и разумно оправдување.
-Во постапката пред Уставниот суд не се докажа дека подносителот Димовски е дискриминиран, бидејќи не е доволно подносителот само да наведе дека дискриминацијата е сторена поради неговата социјална припадност, или статус на судија кој се доусовршувал на пракса во Судот во Стразбур, потребно е да се наведе релевантна споредлива ситуација за дискриминацијата, која недостасува во овој предмет. Имено, фактот којшто подносителот го изнел дека е различно третиран(дискриминиран) бидејќи е оценет само за 3 години кога бил судија во Граѓанскиот суд во Скопје, но не и за времето поминато во ЕСЧП во 2019 година, не е доволен за докажување на концептот на дискриминација како недозволено разликување, се вели во соопштението од Уставен суд.
Наводот на подносителот Андреј Димовски, дека оценувањето за три години, без 2019 година претставува дискриминација, може да се разгледува како можен проблем само доколку се покаже дека друг судија, со ист или сличен меѓународен ангажман, бил оценет поинаку. Во отсуство на таков пример, неоценувањето на 2019 година само по себе не може да се квалификува како дискриминација, бидејќи не е доведено во врска со лице кое е во споредлива положба, третирано поинаку.
-Имено, доколку не е засновано на објективни критериуми и доколку важи само за него, може да претставува повреда на правото на еднаков третман. Оттука, ако исклучувањето на една година поради меѓународен ангажман е само за одредено лице, и не е засновано на објективни критериуми, тоа може да создаде повреда. Но, во случај кога Судскиот совет нема воспоставена пракса и ова е единствен пример, не може да се утврди постоење на дискриминација, особено ако не постојат други судии со слична ситуација кои биле третирани поинаку, се вели во соопштението од Уставен суд.
Во конкретниот случај, Судскиот совет, како орган кој е посочен во Барањето, досега има одлучувано само во еден случај на упатување судија на времено стручно усовршување во ЕСЧП — конкретно за судијата Андреј Димовски. Надвор од овој случај, не е утврдено постоење на воспоставена практика или институционализиран пристап што би покажал различно постапување со слични ситуации.
– Оттука, не може да се говори за структурна дискриминација или селективност во примената на критериуми, се вели во соопштението од Уставен суд.