ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ЕВРОПСКА УНИЈА

Иницијативата за недоверба на ЕК според Фон дер Лајен е обид за раздор на проевропските сили

July 8, 2025 08:07
in ДЕНЕС, ЕВРОПСКА УНИЈА
Share on FacebookShare on Twitter

Иницијативата за изгласување недоверба на Европската комисија е уште еден груб обид да се внесе раздор меѓу институциите на ЕУ и меѓу проевропските и продемократските сили во овој Дом, што никогаш не смееме да го дозволиме и нема да го дозволиме, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент по иницијативата на романскиот европратеник Георге Пипереа за изгласување недоверба на извршното тело на Унијата.

– Она што го слушнавме од Пипереа е преземено директно од најстариот прирачник на екстремистите – поларизирање на општеството и еродирање на довербата во демократијата со лажни тврдења, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека европратениците имаат избор да го следат Пипереа „во неговиот свет на наводни злокобни заговори“ или неговиот предлог да го наречат со вистинското име.

Фон дер Лајен истакна дека некои наводи во иницијативата може да предизвикаат легитимна загрижености за некои прашања, потенцирајќи дека таа е подготвена да одговори на сите нив, затоа што, како што рече, важни се фактите и вистината.

Осврнувајќи се на тврдењата во иницијативата за злоупотреби од нејзина страна при набавката на вакцини од компанијата „Фајзер“ за време на Ковид пандемијата, Фон дер Лајен нагласи дека не смее да се заборават постигнувањата во тоа време во услови на голем број заболени, починати, блокади и затворени граници.

– Како вакцината беше развиена во рекордно време благодарение на европската наука. Како го зголемивме индустриското производство по бавниот почеток. Како на секоја земја членка и беше даден ист пристап до вакцини што спасуваат животи. Како на секој граѓанин, без разлика дали е од голема или мала земја, исток или запад, север или југ, му беше дадена иста шанса. Ова е Европа на солидарност што ја сакам, а тоа е таа Европа што екстремистите ја мразат, рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека во такви услови била во контакт со претставници на компаниите што ги произведуваа антиковид вакцините, исто како што барала совети од најдобрите епидемиолози и вирусолози во светот и како што биле во контакт со ОН и невладини организации.

– Имплицирањето дека овие контакти биле некако несоодветни или против европските интереси е едноставно погрешно. Затоа, дозволете ми уште еднаш да ги разјаснам фактите. Преговорите за договорите ги водеа заедно Комисијата и земјите членки. Секој договор што беше договорен беше детално разгледан во главните градови пред да биде потпишан од секоја од 27-те земји членки. Немаше тајни, немаше скриени клаузули, немаше обврски за купување за земјите членки. Сите тврдења дека која било земја членка не знаела за договорите, за цените или износите се нечесни. Всушност, да ги наречеме со вистинското име – тоа е едноставно лага, изјави Фон дер Лајен.

Според неа, на тој начин беа заштитени работниците и се придвижи економијата, а ЕУ инвестираше 800 милијарди евра во здравството, образованието, чистата технологија, дигиталната технологија, малите и средни претпријатија и големите индустрии.

– Ова е вистинската приказна за пандемијата, а не она што го тврдат авторите на овој предлог. Сите треба да бидеме многу горди и никогаш не смееме да дозволиме екстремистите и конспиративците да ја преработат оваа приказна, порача Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека ЕК секогаш ќе биде подготвена да соработува со европратениците за изнаоѓање заеднички решенија со проевропските и продемократски сили во Европарламентот, бидејќи како што рече духот на компромис е суштина на демократијата.

– Но, не треба да имаме илузии за заканите со кои се соочува нашата демократија. Влеговме во ера на борба помеѓу демократијата и нелиберализмот. Ја гледаме алармантната закана од екстремистичките партии кои сакаат да ги поларизираат нашите општества со дезинформации. Нема докази дека тие имаат какви било одговори, но има доволно докази дека многумина се поддржани од нашите непријатели и од нивните марионети во Русија или на друго место. Ова се движења поттикнати од заговори, од антиваксери, па до апологети на Путин, рече Фон дер Лајен.

Затоа, според неа, потребно е здружување на демократските сили за да се најдат избалансирани компромиси и да се одговори на легитимната загриженост на луѓето.

– Сакам да завршам со обраќање до сите проевропски продемократски сили во овој Дом. Знам дека не секогаш се согласуваме за секој детаљ од секој предлог што го дала оваа Комисија. И не можам да ветам дека секогаш ќе се согласуваме за се во иднина. Но, она што можам да ветам е дека секогаш ќе бидеме подготвени да работиме за компромис и да работиме за единство. Кога Комисијата ќе седне со САД за да преговара за трговија и царини, Европа мора да покаже сила. Кога се залагаме за иднината на Украина, Европа мора да покаже сила. Или кога одиме во Кина да ги браниме нашите интереси – Европа мора да покаже сила. И почитувани пратеници, оваа сила доаѓа само преку нашето единство. Затоа, да се обединиме и да продолжиме да испорачуваме за Европа, заклучи Фон дер Лајен.

Во воведното обраќање на дебатата, европратеникот Пипереа порача дека иницијативата за гласање недоверба претставува уставен инструмент наменет за консолидација на демократијата и тоа не е проблем, туку е почеток на решението.

– Денешната иницијатива зборува за сериозни факти за прекршени принципи, недостиг на транспарентност и немање почит кон правдата, кои се докажани со одлуката на Европскиот суд на правдата во случајот „Фајзергејт“, рече Пипереа.

Тој ја обвини Европската комисија за избегнување на дебати и за заобиколување на одлуките на Европскиот парламент.

– Во последните шест години Комисијата на злоупотребувачки начин им ги одзеде овластувањата на земјите членки и го игнорираше Европскиот парламент во неговите главни одлуки. Недемократската концентрација на моќ во рацете на претседателката на Европската комисија е спротивна на принципите на контрола и рамнотежа. Процесот на донесување одлуки стана нетранспарентен и дискреционен, што предизвикува страв од злоупотреби и корупција, додаде Пипера.

Според него, политиките на Евромисијата резултирале со пропаѓање на мали компании, ризици по суверенитетот на државите и со фрагментацијата на заедничкиот пазар, зголемувајќи ги разликите меѓу земјите-членки на Европа, а сиромаштијата и регресот во образованието станале нормалност.

– Кога повеќето од нас страдаа за време на пандемијата на Ковид-19, некои луѓе ја користеа таа криза за да се збогатат. Не е кризата таа што го уништуваше светот, туку алчноста на оние што се обидуваа да заработат од таа криза, рече Пипереа.

Според него, предлогот за недоверба на ЕК претставува повик до сите луѓе во Европа да почнат да размислуваат.

– Гласот на народот не се почитува, а ние тука во овој Дом сме гласот на 450-те милиони граѓани на Европската Унија. Тие не замолија да го исчистиме овој Дом. Ова е почеток на еден крај, заклучи Пипереа во обраќањето.

Гласањето на пратениците по иницијативата на Пипереа е предвидено за в четврток. За да биде усвоена, иницијативата треба да биде поддржана од најмалку од две третини од европратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што нивниот број треба да е поголем од половина од вкупниот број членови на ЕП.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: ЕКУрсула фон дер Лајен

НАЈНОВО

Зошто се извини Мицкоски?

July 8, 2025

Изложба „Beauty spot III“ на Иван Аџиевски

July 8, 2025

Кац нареди да се изгради камп за 600.000 раселени Палестинци во Појасот Газа

July 8, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Што содржи Предлог-извештајот на Вајц за земјава за кој денеска ќе дебатираат членовите на ЕП

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Москва го проширува военото присуство во Ерменија при растечки тензии со Баку, Ереван негира, пропагандисти и експерти разработуваат можни сценарија за војна

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СДП Хрватска за концертот на Томпсон: Бевме сведоци на голем светски срам

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тесна трка и стратешка соработка: Локалните избори како тест на коалициски односи

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Жестока реакција на младите загребски антифашисти на усташките изблици на и околу концертот на Томпсон

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk