Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ попладнево соопшти дека е пристигната втората донирана пратка компресивна облека за повредените во пожарот што се случи на 16 март, годинава. Од „Support Kocani“ информираат дека облеката веќе е доставена во Општата болница во Кочани.
– Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani, велат од граѓанската иницијатива.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Support Kocani откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.
Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
– Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица. Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам. Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме – продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста, порачаа од Support Kocani.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.