Денес одбележуваме 30 години од геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, кога повеќе од 8.000 мажи и момчиња од босанските муслимани беа брутално убиени и закопани во масовни гробници. Изразуваме почит кон споменот на жртвите и им изразуваме искрено сочувство на нивните семејства. Продолжуваме да бидеме солидарни со преживеаните, се вели во заедничкото соопштение на Претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар на ОБСЕ.
„И покрај изминатите три децении, потрагата по вистината и правдата продолжува, бидејќи речиси 1000 жртви сè уште се водат како исчезнати. Жално е што, спротивно на пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, Меѓународниот суд на правдата и домашното судство во Босна и Херцеговина дека она што е направено во Сребреница е геноцид, сè уште има такви кои го негираат она што се случило. Ова е груб обид за ревизија, па дури и бришење, на историјата и сериозно го попречува секој процес на помирување“, се вели во соопштението.
ОБСЕ останува посветена на поддршката на Босна и Херцеговина, нејзиното граѓанско општество и сите оние кои се вклучени во потрагата по правда, на помагање во ставањето крај на сите форми на неказнивост и на унапредување на одговорноста за сите воени злосторства извршени за време на конфликтите во 1990-тите.
„Ги повикуваме сите политички актери да ни се придружат во овие напори, кои се клучни не само за Босна и Херцеговина, туку и за целиот регион. Само преку ова, општеството може целосно да ги прифати лекциите од тешкото минато и да продолжи заедно кон иднина обележана со одржлив мир, правда, стабилност, достоинство, соработка и просперитет – за доброто на сите“, велат од ОБСЕ.
Преземено: Цивил Медиа