По повод Денот на општина Шавник, кој се одбележува на 22 јули, подготвена е богата и разновидна програма што ќе го раздвижи градот во текот на целиот јули. Плоштадите, улиците и културните простори на овој мал планински град во Црна Гора ќе добијат нов живот преку уметност, изложби и јавни настани, пишува АнтенаМ.
На 21 јули, на плоштадот Матие Јакиќ, под отворено небо и со специјална визуелна и звучна инсталација, ќе бидат прикажани две изложби, од кои едната носи македонски потпис.
Изложбата „Без жири – без граници“ на македонскиот уметник Зоран Кардула претставува моќен визуелен наратив без зборови, кој надминува културни, јазични и географски бариери. Кардула, познат по својот автентичен израз што ја спојува традицијата со современ дизајн и визуелен експеримент, прикажува дела исполнети со симболика, прецизна геометрија и смел колорит.
Оваа изложба носи универзална порака: уметноста не познава граници, ниту жири. Таа комуницира директно со гледачот, без посредници и без оценки. Кардула е добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани низ цела Европа и во САД. Поставката во Шавник, како што пишува АнтенаМ е уникатна можност за локалната публика да се запознае со уметност од регионално значење, изложена во несекојдневен амбиент – на отворено, во срцето на планинскиот град.
Според најавите од Центарот за култура Шавник, културниот дел од прославата почнува на 20 јули со отворањето на изложбата на реномираниот академски сликар и графичар Драган Караџиќ, кој потекнува токму од Шавник. Неговата изложба, насловена „Допири и траења“, ќе биде поставена во амбиенталниот простор на Куќата на Пекиќ и претставува пресек на децениското творештво на уметникот, инспирирано од родниот крај. Ова е прво изложување на Караџиќ во неговиот роден град, со што постојбата добива и силна лична димензија. Изложбата ќе биде отворена за јавноста во наредната седмица.
Покрај овие изложби, ќе биде прикажана и фото-поставката „Црно-бел Шавник низ вековите“, која преку архивски фотографии сведочи за животот, историјата и духот на градот.
Редакција Фронтлајн