Во стратешки потег, кој се смета за клучен за иднината на американската вселенска програма, вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи, на 5 август 2025 година најави план за изградба на нуклеарен фисионен реактор кој треба да биде поставен на површината на Месечината во 2030 година, пишува Space.com.
Со овој чекор, САД ќе се обидат да стекнат предност на Месечината пред Кина, која планира до истата година да испрати прв тајконаут – како што Кина ги нарекува своите астронаути.
Покрај геополитичкото значење, нуклеарната енергија е клучна и за практични причини: таа обезбедува стабилен извор на енергија за идни мисии кон Марс, каде што сончевата енергија е послаба, и овозможува изградба на трајна лунарна база.
Еден од приоритетите на НАСА е реакторот да обезбедува енергија за искористување и обработка на месечевите ресурси, особено водениот мраз кој се претпоставува дека постои во сенковитите кратери на северниот и јужниот пол. Водата и кислородот се неопходни за животна поддршка, а водородот и кислородот би можеле да служат и како гориво за вселенски летала.
За таа цел, НАСА веќе го има подготвено роверот VIPER (Volatiles Investigating Polar Exploration Rover), кој треба да истражи кои наслаги на воден мраз се најдостапни и најисплатливи за искористување.
Клучно прашање останува и безбедноста на реакторот. При слетување на вселенски летала, подигањето на месечевата прашина и камчиња – позната како реголит – може да го оштети реакторот и другата инфраструктура. За да се избегне тоа, реакторот ќе треба да биде поставен зад природни пречки како големи карпи или доволно далеку од местата за слетување, а на подолг рок ќе биде потребна изградба на специјализирани писти за слетување и полетување.
Според експертите, изградбата на вакви капацитети на Месечината е клучен чекор кон идни мисии на Марс, каде што човештвото ќе може да го примени наученото од искуствата на нашиот природен сателит.
Редакција Фронтлајн