Новите барања за азил во Европската унија, Норвешка и Швајцарија значително се намалија во првата половина од оваа година, при што Германија го изгуби своето долгогодишно прво место како главна дестинација за барања, јави ДПА, повикувајќи се на официјални бројки објавени денеска.
Агенцијата за азил на ЕУ, со седиште во Малта, соопшти дека помеѓу јануари и јуни се поднесени 399.000 нови барања за азил, што е пад од 114.000 или 23% во споредба со истиот период минатата година. Вкупниот број ги вклучува барањата поднесени во сите земји-членки на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија.
Франција води со 78.000 барања, по што следуваат Шпанија со 77.000, Германија со 70.000 и Италија со 64.000. Ова е прв пат по години Германија да не е на првото место, забележа ДПА.
Агенцијата за азил на ЕУ го припишува падот во голема мера на падот на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември, што го намали бројот на Сиријци кои бараат азил. Наместо тоа, Венецуелците станаа најголемата група што аплицира за азил, со 49.000 случаи, по што следат Авганистанци (42.000) и Сиријци (25.000). Речиси сите Венецуелци аплицирале во Шпанија, каде што заедничкиот јазик ја олеснува интеграцијата.
Апликациите се намалија во повеќето главни земји-приматели, освен Франција, при што Германија бележи најголем пад (-43%), по што следат Италија (-25%) и Шпанија (-13%).