Четиригодишната неактивност на ВМРО-ДПМНЕ доведе до диви депонии кои го трујат воздухот, предупредуваат од СДСМ; кандидатката за градоначалничка Каја Шукова предлага итни мерки за заштита на граѓаните
Скопје и голем дел од Македонија се соочуваат со сериозна еколошка закана поради долгогодишниот проблем со депониите, предупредуваат од СДСМ. Според нив, четиригодишната неспособност на ВМРО-ДПМНЕ да преземе конкретни чекори довела до тоа што дивите депонии Вардариште и Дрисла се претвориле во вистински еколошки бомби.
Секојдневно, стотици илјади граѓани се изложени на канцерогени материи затоа што властите не презедоа ништо за да ги решат депониите. Неспособното ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници се најголемата катастрофа за Скопје, наведуваат опозиционерите.
Од СДСМ истакнуваат дека ветувањата за решавање на проблемот останале на хартија, а резултатот е задушен град и значителен ризик за здравјето на скопјани. Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС, треба да престане да се крие и да објасни зошто четири години не е решен проблемот со депониите, додаваат од опозицијата.
Кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, реагираше на изјавата на премиерот Христјан Мицкоски, кој рече дека измерените параметри на штетни честички не покажуваат алармантни вредности на загадувањето во Скопје.
– Додека Скопје се гуши, Мицкоски живее во паралелен свет, каде воздухот е чист, депониите се европски, а граѓаните среќни. Во реалноста, чадот и ПМ честичките од Вардариште и Дрисла влегуваат во секој дом и секое училиште. Можеби на премиерот му се чини дека тоа е „фата моргана“, но реалноста е дека ова е труење на граѓаните, истакна Шукова.
Таа потенцираше дека, наместо решенија, ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници молчат и го игнорираат проблемот.
– Нивните градоначалници четири години не планираа, ниту реализираа проекти за намалување на загадувањето на воздухот, додаде таа.
Шукова претстави конкретни мерки кои планира да ги реализира доколку стане градоначалник. Таа најави итно оградување и обезбедување на депонијата Вардариште и изградба на нова современа претоварна станица според европски стандарди. Планира да воспостави системско решение за управување со отпад кој ќе работи за граѓаните, а не против нив.
– Со тоа, Скопје конечно ќе добие чист воздух и систем за отпад кој работи за граѓаните, не против нив, порача Шукова.
Депониите Вардариште и Дрисла се главните точки на загадување во Скопје. Последните истражувања на Институтот за јавно здравје покажуваат дека концентрацијата на ПМ10 и ПМ2.5 честички во воздухот често надминува препорачаните граници на Светската здравствена организација.
Експертите предупредуваат дека долготрајното изложување на овие честички може да предизвика респираторни болести, кардиоваскуларни проблеми, па дури и канцерогени ефекти. Граѓанските здруженија повеќе години алармираат за потребата од итно решавање на проблемот со дивите депонии и воспоставување на систем за управување со отпад според европските стандарди.
– Скопје не смее да остане задушен град. Решенијата мора да бидат брзи, ефикасни и транспарентни, потенцираат од СДСМ.
Дестан Јонузи





