Телескопот Џејмс Веб на НАСА за првпат директно ги измери хемиските и физичките својства на можен диск за формирање месечини околу голема егзопланета. Станува збор за јаглеродно богат диск кој ја опкружува планетата CT Cha b, оддалечена 625 светлосни години од Земјата.
Иако досега не се откриени месечини во податоците, научниците веруваат дека токму вакви структури претставуваат „градежни дворови“ на идни сателити. Резултатите се објавени во списанието The Astrophysical Journal Letters.
Ѕвездата околу која орбитира планетата е стара само два милиони години и сè уште акумулира материјал, но новооткриениот circumplanetary диск е независен од главниот диск околу ѕвездата. Двете структури се оддалечени 46 милијарди милји една од друга.
„Не само што гледаме докази за диск околу оваа планета, туку за првпат можеме и да ја проучуваме неговата хемија. Тоа значи дека сме сведоци на процесот на создавање на самата планета и на потенцијалните месечини,“ изјави ко-авторката Сиера Грант од Carnegie Institution for Science во Вашингтон.
Главниот автор, Габриеле Куњо од Универзитетот во Цирих, додаде: „Го гледаме материјалот што се акумулира за да ја изгради планетата и нејзините идни месечини. Ова ни овозможува да ги разбереме физичките процеси и временските рамки на нивното формирање.“
Во дискот околу CT Cha b се пронајдени седум молекули што содржат јаглерод, меѓу кои ацетилен и бензен – во контраст со хемискиот состав на дискот околу ѕвездата, каде е детектирана вода, но не и јаглерод. Ова укажува на брза хемиска еволуција во текот на само два милиони години.
Научниците ја споредуваат оваа појава со создавањето на најголемите месечини на Јупитер, кои настанале од сличен circumplanetary диск пред милијарди години.
Истражувачкиот тим најавува дека во следната година ќе користи нови набљудувања со Џејмс Веб за систематско проучување на слични објекти, со цел да се разбере разновидноста на процесите што водат до формирање на планети и нивни природни сателити.
Редакција Фронтлајн