Реџепи обвинува за лошо управување и ветува поништување на концесијата за јавното осветлување, додека Касами го брани проектот како ефикасен и корисен. Во Чаир, Меџити и Османи се судираат за мобилноста, чистотата и урбаниот развој
Кампањата за локалните избори започна со жестоки полемики во Тетово и амбициозни ветувања во општина Чаир.
Кандидатот за градоначалник на Тетово од коалицијата Национален сојуз за интеграција (ДУИ), Бајрам Реџепи, ја стави во фокус темата за концесијата за јавното осветлување, која, според него, е штетна за општинскиот буџет и за граѓаните.
– Според договорот, приватниот оператор требаше во рок од 6 месеци од потпишувањето да замени 8.720 постојни светилки со smart LED светилки. Тој рок одамна помина, а Тетово сѐ уште нема модернизирано осветлување, а граѓаните плаќаат повисоки сметки за јавно осветлување. Ова е чист план за збогатување на грбот на граѓаните. Ви ветувам, овој договор ќе го поништиме веднаш, и нема да дозволиме збогатување на поединци над јавниот интерес и иднината на Тетово, изјави Реџепи.
Тој смета дека проектот не е направен за доброто на граѓаните, туку за профит на одредени интересни групи.
Од друга страна, Билал Касами, актуелен градоначалник на Тетово и противкандидат на Реџепи од коаалицијата ВЛЕН, ја брани концесијата, велејќи дека проектот донел заштеди и ефикасност.
– Во минатото, кога јавното осветлување беше управувано од општината, се трошеа околу 200 илјади евра годишно за сметки. Денес, кога тоа е под приватно управување, општината има приходи од околу 200 илјади евра, кои се користат за проширување на мрежата за јавно осветлување, изјави Касами.
Тој додаде дека додека половина Тетово некогаш било во мрак, денес нема улица или уличка без осветлување.
Јавното осветлување во Тетово беше дадено под концесија во 2023 година и од тогаш е тема на остри политички дебати.
Чаир – Ветувања за паркинзи, чистота и инвестиции за млади
Во општина Чаир во Скопје кандидатите ги претставуваат своите визии за урбан развој. Изет Меџити, кандидат на ВЛЕН, ги истакна постигнувањата и приоритетите за следниот мандат, велејќи дека Чаир веќе е „градежна зона“.
– Ќе изградиме подземни паркинзи кај ’Плоштад Скендербег‘, катни гаражи кај Чаирчанка и монтажни гаражи во Фуша Топане и кај Сала Партизани. Ќе ги прошириме клучните сообраќајници како улицата ’Цветан Димов‘, и ќе имплементираме модерен систем за управување со отпад, изјави Меџити.
Тој исто така најави бизнис инкубатор за стартапи и локален фонд за млади претприемачи, како дел од поширок план за економски развој.
Кандидатот на Национален сојуз за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, претстави програма со две траектории: итна агенда и долгорочна визија за развој.
– Мојата програма има две патеки. Едната е итна, затоа што има прашања кои, ако не ги решиме веднаш, ќе биде доцна! Ја нарековме вонредна состојба. Приоритети се хигиената, недостатокот на паркинзи, бесправната градба, корупцијата и безбедноста, истакна Османи.
Тој најави 2.500 нови паркинг места, создавање на ново јавно претпријатие за хигиена, и воведување на поригорозно и транспарентно управување со општината.
Надминувањето на локалните проблеми како што се осветлувањето, паркинзите, отпадот и урбаниот хаос стануваат клучни теми во кампањите.
Очекувањата на граѓаните се повисоки, а кандидатите ќе мора да понудат реални решенија и конкретни резултати.
Дестан Јонузи