Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска повторно ќе се соочи со Европскиот парламент, вторпат за помалку од три месеци, за да се брани од предлозите за изгласување недоверба што ги поднесоа опозициските пратеници, обвинувајќи ја за низа пропусти – од недостиг на транспарентност до неуспех во преговорите за трансатлантскиот трговски договор.
Процедурата започнува денеска во парламентот, а гласањето за двата предлога – на групата „Патриоти за Европа“ и на Левицата – ќе се одржи во четврток.
Фон дер Лајен денеска ќе има можност да одговори на критиките, а со неа ќе биде целиот колегиум комесари, јави бриселскиот портал Политико.
Не се очекува предлозите за недоверба да бидат усвоени, бидејќи германската политичарка ја има поддршката од групите во нејзината коалиција – Европската народна партија (ЕПП), Социјалдемократите и Обнови ја Европа, како и од Зелените.
И покрај тоа, предлозите покажуваат дека претседателката на Комисијата се соочува со сѐ посилно противење, не само од крајната десница и левица, туку и од дел од пратениците во нејзината центристичка коалиција.
Според Политико, Фон дер Лајен денес е многу поискусна политичарка отколку на почетокот на својот прв мандат во 2019 година. Таа, како што се наведува, веќе во јули – при првото гласање за недоверба – покажа дека „кралицата на Европа“ знае да им одговори на критичарите и „да возврати на ударите“.
Проблемот, меѓутоа, е што ваквите предлози стануваат речиси рутина, бидејќи европратениците сфатиле дека е лесно да се соберат потребните 72 од вкупно 720 потписи, а критиките кон Фон дер Лајен повеќе не доаѓаат само од маргинални политичари, посочува порталот.
Се очекува новите два предлога за недоверба, иако нема да добијат поддршка од центристичките партии, да ги продлабочат разликите меѓу коалициските партнери на Фон дер Лајен околу клучни европски теми, пишува Политико.
Дека следуваат турбуленции, укажува и најавата на двете најголеми парламентарни групи – ЕПП иСоцијалдемократите – дека се подготвени да го отфрлат предложениот долгорочен буџет на ЕУ.
„Претстојат уште многу гласања кои ќе го тестираат нејзиното лидерство“, изјавил за Политико еден европратеник од ЕПП кој побарал да остане неименуван.
Поранешниот потпретседател на Комисијата Тијери Бретон за Политико изјави дека Унијата во моментов има „значително ослабена Комисија“.
– Ова е првпат по долг период Комисијата да се соочи со толку многу гласања за недоверба. Не може да се каже дека е само лоша среќа, рекол Бретон, додавајќи дека ваквата слабост отвора простор за раст на екстремите.
– Се наоѓаме во тежок, егзистенцијален момент, кога силите околу нас се непријателски расположени кон европскиот проект – без разлика дали е тоа Владимир Путин на исток или, жал ми е што морам да кажам, САД, изјави поранешниот еврокомесар.
Тој како особено загрижувачко го истакнал фактот што Комисијата не ја добила целосната поддршка на сопствената партија за долгорочниот буџет на Унијата.