Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во виртуелен говор на Третата Конференција за сајбер одбрана на Aлијансата, што се одржува во Тирана, изјави дека „тастатурата денес е оружје на војната“.
Toj jа нагласи важноста на соработката меѓу земјите-членки во справувањето со сајбер заканите, додавајќи дека „во НАТО, никој не е сам – сите држави ќе застанат заедно во ова дигитално доба против секој што се обидува да ни наштети“.
– Жал ми е што не сум со вас лично. Денес, тастатурата е оружје на војната кое секојдневно ги таргетира нашите општества. Ги зголемуваме инвестициите во сајбер просторот. Земјите се одговорни за одбраната, но НАТО нуди единствена мрежа, истакна Руте, објави Топ чанел.
Toj посочи дека НАТО е сојуз на споделени вредности и “ние ќе продолжиме да промовираме одговор базиран на норми во сајбер-просторот”, додавајќи дека од месец мај за 5 проценти се зголемени средствата за сајбер одбраната.
На конференцијата учествуваат делегации од 32 земји-членки на Алијансата, претставени од министерствата за надворешни работи и одбрана.
Тема на дискусија е „размена на знаење, зајакнување на соработката и градење заеднички стратегии насочени кон колективна одбрана во услови на постојано менување на заканите во сајбер-просторот“.