Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од редовите на СДСМ, д-р Александар Трајановски, во изјава за медиумите ги претстави своите приоритети за урбаните заедници Населба Лисиче, Горно Лисиче и Долно Лисиче, нагласувајќи дека неговата визија е насочена кон похуман, похигиенски и побезбеден живот за сите жители.
„Имаме конкретни приоритети за Лисиче и визија за похуман и безбеден Аеродром,“ изјави Трајановски.
Тој најави дека во Населба Лисиче ќе се заложи за ревизија на Деталниот урбанистички план, бидејќи „во сегашната форма не е во согласност со хуманото живеење“.
„Ќе ги избришеме висококатниците кои ја нарушуваат рамнотежата и инфраструктурниот капацитет на населбата, ќе ја реконструираме градинката ‘Пчелка 1’ – ‘Буба Мара’, и ќе го уредиме неискористениот простор со ново зеленило,“ рече тој.
Посебен акцент стави на субвенции за еколошки системи за затоплување, со цел почиста животна средина и подобра грижа за зеленилото, хигиената и безбедноста на жителите.
За Горно Лисиче, Трајановски најави изработка на нов урбанистички план на потегот од ул. „Тодор Чангов“ до „Ѓорѓи Капчев“, кој ќе овозможи уреден и одржлив развој.
„Ќе ги реконструираме споредните улици, ќе поставиме атмосферска канализација, а во училиштето ‘Гоце Делчев’ ќе ги реновираме детските реквизити,“ додаде тој, посочувајќи и дека ќе се спроведе системско решение за дивите депонии преку засилена работа на комуналната полиција.
Во делот Горно–Долно Лисиче, најави изградба на велосипедска патека и проширување и осветлување на патот што ги поврзува двете населби.
„Ќе обезбедиме редовно празнење на контејнерите и куќните канти, ќе поставиме јавни чешми и канти за отпадоци, ќе реконструираме споредни улици и ќе спроведеме темелно чистење на шутот и дивите депонии, особено околу црквата и мостот на Вардар,“ истакна кандидатот на СДСМ.
„Овие мерки се дел од мојата визија за почиста, побезбедна и похумана Општина Аеродром, каде секој дел од општината ќе добие рамноправен третман и реални решенија за проблемите на граѓаните,“ порача Трајановски.





