Според специјалистот за комуникации Марјан Забрчанец, изборниот модел и контролата на големите партии го задржуваат гласањето во Македонија во рамки на етничко-партискиот модел, но постојат моменти кога граѓаните се одлучуваат за промена.
На прашањето на Фронтлајн — зошто во Македонија сè уште се гласа по етничка и партиска линија, а не според идеологија и изборна програма — комуникологот и специјалист за медиуми Марјан Забрчанец дава анализа која упатува на длабоко вкоренети политички и системски причини.
„Во Македонија доминира гласањето по етничка и партиска линија пред сѐ поради тоа што изборниот модел е така поставен и поради тоа што моќта и контролата врз изборните процеси е пред сѐ кај големите политички партии, особено кај најголемата партија од власта,“ вели Забрчанец во изјава за Фронтлајн.
Тој додава дека на политичките партии не им одговара промена на овој модел: „На партиите не им одговара граѓаните да гласаат по други основи, надвор од партиско-етничката рамка, бидејќи ако не е така тие нема да успеваат да ја задржат контролата дури и врз сопственото гласачко тело.“
Сепак, Забрчанец потсетува дека постоеле периоди кога граѓаните успеале да излезат од овие ограничувања и да гласаат по сопствено убедување.
– Сепак, граѓаните во Македонија во различни изборни циклуси покажаа дека знаат да ги надминат ваквите стеги на контролата и да излезат од шинелот на етничките и партиските кампуси. Тоа најчесто се случува кога трендот на револт и незадоволство кон владејачките партии е растечки, вели тој.
Како пример го наведува изборниот процес од 2016 година, кога „во услови на сѐ уште неослободена држава од стегите на тогашниот режим, опозицијата успеа да мобилизира висок обем гласови кои ги надминауваа и етничките и партиските концепти — тоа беа гласови базирани на револт и на конкретни очекувања и барања, а не гласови по етничка или партиска основа.“
Во однос на актуелната изборна ситуација во Скопје, Забрчанец смета дека може да се повтори сличен феномен:
– Треба внимателно да се следи и анализира и ситуацијата со вториот круг од тековните локални избори за градоначалник на Град Скопје – падот на довербата кај власта создава услови кандидатот Амар Мециновиќ да мобилизира голем базен гласови кои не припаѓаат на неговата матична партија Левица, ниту пак се мобилизирани по етничка линија, нагласува нашиот соговорник.
Според него, потеклото на Мециновиќ како македонски Бошњак и моменталното незадоволство кај дел од гласачите може да создадат нов тренд: „…што значи дека во услови на потрага по начин да се казнат политиките на оние кои Градот го доведоа во оваа состојба, може да дојдеме до ситуација тој да привлече гласови од граѓани од различните етнички заедници во Македонија, односно опозициски гласови кои сакаат да ја казнат ВМРО-ДПМНЕ поради изневерувањата на очекувањата со Арсовска.“
Македонија и оваа изборна година повторно се соочува со избори во кои етничката припадност и партиската лојалност остануваат доминантен фактор при определувањето на гласачите. Иако дел од аналитичарите и експертите укажуваат дека се потребни системски промени — како редизајн на изборниот модел и засилување на политичката отчетност — сè повеќе гласачи покажуваат подготвеност да гласаат врз основа на конкретни политики и резултати, наместо на етничка припадност.
Дестан Јонузи





