Политичкиот аналитичар Бесим Небиу за Фронтлајн го оцени исходот од локалните избори 2025 година во Македонија, нагласувајќи ја јасната доминација на ВЛЕН на албанската политичка сцена.
„Победата на ВЛЕН е јасна и недвосмислена. Без разлика на обидите на НАИ да ја релативизира и разводни, резултатите се фактички и неоспорни. Наративот што се обидува да се одржи по поразот повеќе изгледа како средство за купување време отколку како сериозна политичка анализа“, изјави Небиу.
Според него, позицијата на другите албански политички лидери се ослабела:
„Г-нот Таравари и г-нот Села, со приклучувањето кон кампот на Али Ахмети, се најдоа во позиција да го бранат наративот за ‘придобивките’ од 23-годишната доминација на ДУИ – наратив кој очигледно не помина кај албанскиот електорат. И двајцата не успеаја да капитализираат ни во сопствените бази – Таравари во Гостивар, ниту Села во Струга. Тоа ги става во тешка политичка позиција, еднакво како и г-нот Ахмети, кој за првпат се соочува со целосен губиток на контрола во албанскиот политички простор.“
Небиу истакна дека изборите го менуваат и легитимитетот во политичкиот простор:
„Овие избори не ја менуваат само политичката мапа, туку и рамнотежата на легитимитет. Старите формули на мобилизација користени од ДУИ, а засновани на патриотска реторика и клиентелистички изборен менаџмент, очигледно не поминаа кај Албанците. Она што следи ќе биде период на прегрупирање и внатрешна калкулација – не само за ДУИ, туку и за оние што одлучија да ѝ се приклучат во момент на нејзиниот пад.“
Дестан Јонузи





