Политичкиот аналитичар Бесим Небиу реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека „Македонија е пред Албанија на патот кон Европската Унија“, оценувајќи дека ваквите тврдења не се во согласност со реалноста на процесот на проширување прикажана во последниот Извештај на Европската комисија и изјавите на челниците од ЕУ.
„Кој е напред, а кој е позади кажува Брисел, не политичарите од самите земји кандидати. Инаку, така уште утре сите самите ќе си влезевме во ЕУ, без да прашуваме на врата дали може“, напиша Небиу на Фејсбук.
Тој додаде дека, доколку се прифати тврдењето на Мицкоски дека Скопје е пред Тирана, тогаш тоа би значело дека Владата ветува и побрз влез во Унијата:
„Ако сме пред Албанија, а Комесарката за проширување, Макрон и Мицотакис велат дека Албанија ќе влезе за пет години, значи ли оваа изјава дека нашата Влада ветува дека ќе влеземе во 2028 или 2029 година?“
Објавата на Небиу доаѓа по изјавата на Мицкоски кој рече: – „Не можам да се согласам со констатацијата на некои еврокомесари. Ние и Србија сме пред Албанија“.
„Јас генерално можам да го оценам Извештајот како добар, инаку не можам да се согласам со констатацијата дека има некои други земји кои што се пред нас. На пример ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваа така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е спремен, кој не е спремен, објективна оценка е дека Црна Гора е прва, второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово, итн. од земјите во регионот“, рече Мицкоски.
Ј. Ѓ.
Поврзано:
Мицкоски: Ние сме многу пред Албанија според тоа кој е спремен за ЕУ





