На климатската конференција COP30, данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги Ларс Аагорд го објави најновиот национален таргет: намалување на емисиите на стакленички гасови од 82 до 85 проценти до 2035 година во споредба со нивото од 1990. пишува EuroNews.
Аагорд изјави дека Данска сака да остане меѓу најамбициозните земји во светот и да докаже дека е можно да се усогласи климатска политика со силен бизнис-сектор и социјална стабилност. Владата ќе издвои 4 милијарди дански круни, односно околу 535 милиони евра, за да го поддржи новиот план.
Тој порача дека климатската акција мора да продолжи и во периоди обележани со војни и геополитички кризи, затоа што целите, финансирањето и мерките мора да одат заедно за да се постигнат дополнителните намалувања на емисиите.
Данска и понатаму е високо рангирана
Според најновиот Climate Change Performance Index (CCPI) објавен денес, Данска е рангирана на четвртото место глобално и е најдобро пласираната земја во целото истражување. Првите три позиции и натаму се непополнети, бидејќи ниту една држава не е целосно усогласена со Парискиот договор.
CCPI ги оценува емисиите на стакленички гасови, обновливите извори, потрошувачката на енергија и климатските политики. Данска има „многу висок“ рејтинг во обновливи извори, „висок“ во емисиите и климатска политика, и „среден“ во потрошувачката на енергија. Земјата е препознаена како лидер во офшор ветерната енергија и електричните возила.
Во 2020 година, Данска го усвои својот прв климатски акт со обврска за намалување на емисиите за 70 проценти до 2030. Земјата е на добар пат да ја исполни целта и веќе има крајна цел – климатска неутралност до 2045.
Како стои Европа?
Европската Унија неодамна го финализираше своето ниво на амбиција: намалување на нето-емисии од 66,25 до 72,5 проценти до 2035, со климатска неутралност до 2050 – значително зад Данска.
Обединетото Кралство останува меѓу водечките, но заостанува во брзината на развој на обновливи извори. Други европски земји со добри резултати се Луксембург, Литванија, Холандија, како и Норвешка и Шведска.
„Сè уште нема земја со одлични перформанси, но има лидери кои покажуваат дека високата амбиција е можно да се спроведе“, вели Никлас Хене, еден од авторите на CCPI.
Редакција Фронтлајн





