Законите и правилата се јасни и секој мора да ги почитува, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за апсењето на српскиот пејач Аца Лукас во петокот на настап во Кавадарци.
Тој посочи дека не знаел за случајот и оти пред неколку дена бил информиран од соработниците во кабинетот, по завршувањето на настанот, нагласувајќи дека внимателно ќе ги следат, како што рече, однесувањата на таквите естрадни уметници и нивни менаџери.
– Јас и не знаев дека тоа се случило да бидам искрен. Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат пред неколку дена. И претпосатвувам дека некој таму сака да создаде естрада, која што таму е присутна да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува. И многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери, изјави Мицкоски по промоција на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Опозициската СДСМ истакнува „пропустите на концертот на Лукас покажува дека МВР повторно затаи, Тошковски да не бега од одговорност
– Пред нас е уште еден скандал кој покажува дека и после Кочани имаме целосно нефункционален систем, неспособност и потфрлање на институциите, пред се на полицијата на Тошковски. Во локал со дозволен максимум од 200 лица, имало над 700 луѓе или три и пол пати над дозволеното и спротивно на безбедносните протоколи. Опасност која можела да заврши трагично. И полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за настанот кој бил пријавен и не презеле навреме мерки, соопштуваат од СДСМ.
„Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат.
Наместо да бега Тошковски треба да одговори на клучните прашања:
Зошто воопшто е дозволено настанот да започне со поголем број на луѓе?
Зошто МВР дозволило настанот со часови да се одвива со преполн капацитет, па дури по полноќ да го прекине?
Дали МВР ништо не научи од трагедијата во Кочани?
Фактите се јасни:
Настанот бил во преполн објект, ризичен за безбедноста и со часови никој не направил ништо. Тоа е класичен рецепт за нова трагедија. Тоа е рецепт за ново „Кочани“.
Бараме итна истрага и на МВР и на општината.
Бараме санкции за сите кои дозволиле да се загрозат животите на стотици граѓани: од МВР кои не реагирале па се до организаторите. Тошковски да не бега туку да преземе одговорност“, се нагласува во соопштението од СДСМ.
При вршење акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци во петокот вечерта бил прекинат настапот на српскиот пејач Аца Лукас, бидејќи, според МВР, било констатирано дека настапувал без соодветна дозвола.





