Њујорк Тајмс објави опширна рецензија за документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на македонската режисерка Тамара Котевска, оценувајќи го како лирично и необично остварување што ја спојува документаристиката со елементи на магичен реализам.
Во текстот со наслов „In ‘The Tale of Silyan,’ the Storks Are Watching“ (Во „Приказната за Силјан“, штрковите гледаат), авторката Алисa Вилкинсон пишува дека филмот претставува спој од документарец за природата, социјална приказна и бајка, при што присуството на штрковите му дава „вонсветовна атмосфера“ на приказот на едно село во изумирање во Северна Македонија.
Филмот ја следи приказната на Никола, земјоделец кој живее со своето семејство во село од кое луѓето постепено заминуваат – најчесто во Германија, во потрага по работа. Како што се менуваат климатските услови и пазарите за традиционалните земјоделски производи пресушуваат, егзистенцијата станува сè потешка, а распадот на заедницата се чувствува на секој чекор. Особено болно е заминувањето на синот на Никола, настан што длабоко го погодува семејството.
Клучен симбол во филмот се штрковите, инспирирани од локална легенда за Силјан – млад човек кој, откако го напуштил селото, бил проколнат од татка си и се претворил во штрк, осуден оддалеку да го набљудува својот дом. Според Њујорк Тајмс, овие птици во филмот функционираат како неми сведоци на исчезнувањето на заедницата, „како духови или чувари“ што го следат животот на селото додека луѓето си заминуваат.
Рецензијата прави и јасна паралела со „Медена земја“, филмот на Котевска од 2019 година, кој доби историски номинации за Оскар. Весникот наведува дека и новиот филм ја продолжува истата тематска линија – врската меѓу традиционалното земјоделство, климатските промени и миграцијата – но во „The Tale of Silyan“ таа ескалира во помистична и подивa визуелна форма.
Њујорк Тајмс посебно ги истакнува интимните сцени, како моментите кога Никола се грижи за повреден штрк во својот дом, но и широките визуелни кадри што го прикажуваат селото како простор што тивко исчезнува. Според весникот, токму легендата вткаена во филмот ја засилува неговата вистинитост – бидејќи приказните за заминувањето и враќањето на младите луѓе се повторуваат со генерации, а штрковите, симболично, секогаш биле таму да го набљудуваат тој циклус.
„Филмот на Котевска од 2019 година, „Медена земја“, првиот што доби номинации за Оскар и во меѓународната и во документарната категорија, исто така, ги разгледа начините на кои промените во животната средина, традиционалното земјоделство и миграцијата беа испреплетени во рурална Северна Македонија. Тој филм имаше сонувачки квалитет што се пренесува и на „Приказната за Силјан“, но овој има чудна дивост, благодарение на присуството на штрковите. Тие изгледаат како уште еден збир жители во селото, особено затоа што човечката популација се чини дека постојано се намалува. Штрковите постојано гледаат, како духови, со нивните издолжени пропорции и вратови што можат целосно да се свиткаат наназад.“, пишува Вилкинсон.
Во легендарниот IFC Center во Њујорк вчера се одржи американската премиера на „Приказната за Силјан“.
Филмот ја започна својата светска авантура во Венеција, каде ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следеа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на National Geographic Documentary Films.
Овој филм е наш кандидат за Оскар за категоријата „најдобар странски филм”, а токму National Geographic го пријавува овој филм за трката за Оскар, во категоријата “најдобар документарен филм”. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка, повторно имаме шанса поради Тамара Котевска за двојна номинација за Оскар.
Ј. Ѓорѓиоски
Прочитајте и…





