Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска освои Audience Award for Best Documentary Feature на Coronado Island Film Festival, уште една значајна меѓународна награда за авторката на „Медена земја“.
Филмот беше избран за најдобар документарен долгометражен филм според гласовите на публиката, што се смета за едно од најискрените и највредни признанија на фестивалите.
„Уште една награда за Силјан во Калифорнија, за мене најважната: награда на публиката за најдобар документарец!“ – стои во објавата од режисерката Котевска, придружена со визуел кој го означува филмот како победник на наградата од публиката за 2025 година, што дополнително го потврдува емотивното влијание што делото го има врз гледачите.
„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
„Приказната за Силјан“ ја продолжува авторската линија по која Котевска е препознатлива – интимен, тивок и длабоко човечки документарен пристап кон односот меѓу човекот, природата и моралниот избор. По светскиот успех и оскаровската номинација на Медена земја, овој нов филм уште еднаш ја позиционира македонската режисерка како едно од најавтентичните имиња на современиот документарен филм.
Наградата од Coronado Island Film Festival претставува уште еден меѓународен потврден чекор за „Приказната за Силјан“, чија фестивалска и дистрибутивна патека допрва продолжува.
National Geographic официјално ја најави американската премиера на филмот, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември во IFC Center во Њујорк, со што „Приказната за Силјан“ се пробива на големата американска филмска сцена.
Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…







