Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонија е земја во која изговорениот збор не вреди пет пари, а сарказмот и цинизмот во изразување се третираат како мањак на памет.
Мене секој ден ме носат во Бардовци, а премиерот го слушаат како Аца Лукас.
Макар што нема ниту А од Аца.
Ги пали Македонците со трилерите за идентитетот и за пензиите, луѓето го слушаат и го лижат тој сладолед за кој им се чини дека е од бесплатни зборови.
„Ајмо, рацете горе!”
„Јеееее!”
„Ќе дозволите ли уставните судии да ви ги намалат пензиите?!”
„Нееееее!”
„Да ги пуштиме ли Бугарите во Уставот?!
„Нееееее!”
„Што мислите за Курвата вавилонска!?”
„Ујууујуууу!”
Концертот на премиерот тече и покрај евидентната опасност дека шупата Македонија може да ја смени агрегатната состојба и да исчезне во чад.
Можеби затоа многумина ја густираат својата тишина, свесни за предноста која се состои од незборувањето, односно за автоматската надмоќ над она што се расипува во зборови.
(Обез)духовниот живот, што не умира во вморонската хистерија, во суштина, се сведува на немо чекање.
Во Македонија доминираат наивци. Комитска школа. Таков е секој Македонец кој не е свесен за својата беззначајност и кој, следствено, се радува на секоја пофалба.
Колку ја сака Македонија, на пример, или колку ги мрази предавниците.
Како оној Тричковски, на пример.
Хахаха!
Тоа се критериумите.
Не е мал бројот на оние кои мислат дека се неутрални. Некои мислат дека се неутрални по природа, а други дека за остварувањето на тоа ниво имаат потрошено многу енергија, свест и совест.
Јас им велам дека неутралноста е триумф над животот, а не триумф на животот. Како што мислат тие. И дека ништо од она што живее не е неутрално.
За отарасување од наивноста и, особено, од демоните, од кои се плашат како фактори што сакаат да им го сјебат идентитетот, им ја препорачувам вообичаената пракса во Франција: да запалат шеќер во дното на креветот.
Еден комшија, злато човек, ме вовлекува во ходникот, гледа лево-десно, да види да не некој нè гледа, и ми вика: „Тричко, ќе те обвинат за учество во предизвикувањето на општа опасност односно за поттикнување.”
„Имаш право”, така му реков, „но ако се запишам во вмро ќе можам и пола Скопје да го запалам, а за тоа да одговара Ристо Пенов кој пропуштил благовремено да ги депортира пироманите и луѓето со опасни намери.”
Хахаха!
Имам чувство дека животот ни е расшиен.
Всушност, раздрпан е подобар израз. Расшиен има некаков фин призвук.
Македонија е банка што е во перманентен грабеж. Бандитите влегоа не преку подземен тунел или со автоматски пушки и уништени камери, туку преку избори и смена на управниот и надзорен одбор.
Газдите се пљачкаши односно пљачкашите се газди.
Македонија друга смисла нема.
Им викам на моите Македонци да се откажат од некои парчиња на својата историска приказна која, евидентно, е чиста конструкција, тие ми викаат дека сум луд и предавник.
Океј!
Но, додавам, дека во секое одрекување постои едно тајно уживање, максимално амбивалентно, од кое би било апсурдно да се откажеме.
Што било по националност Црното ќумурџиче?
Има ли нешто од што полесно можеме да се откажеме во замена за тајното уживање и за перспективите кои ќе се темелат на нашата хармонизација со самите себе, со нашата вистинска димензија.
Или некои други безначајности.
Дека не сме биле субјект пред војната, на пример.
Сега на располагање имаме само национализам од очајнички вид.
Кој нема со што да го пумпаме.
Понеже историското досие ни е празно.
Одговарајќи на прашањето што ќе се случи во иднина, уште во 1958 година Сјоран напишал дека ќе се случи бунт на народите без историја. Ние совршено се вклопуваме во тие негови проекции. За Европа рекол дека тука ќе победат само народите кои не живееле. Можеме да се најдеме и во таа прогноза, освен ако, евентуално, Влавот не мислел на некои нови народи кои допрва ќе се конституираат.
Среќен Ден на Републиката.
Кога Македонците ги пуштија во Преамбулата на АВНОЈ.





