Зрачењето од длабоката вселена, невидливо и тивко, беше причина за едно од најголемите повлекувања на авиони во историјата на цивилното воздухопловство. Повеќе од 6.000 авиони на Airbus беа привремено приземјени по итна интервенција на нивните авионски компјутерски системи – поради проблем што започна со еден единствен лет.
На 30 октомври 2025 година, патнички авион JetBlue, модел A320, кој летал од Канкун кон Њуарк, ненадејно изгубил висина за време на летот. „Потребна ни е медицинска помош“, им соопштил пилотот на контролата на летање, откако дел од патниците биле повредени при наглиот пад. Најмалку 15 лица биле пренесени во болница по принудното слетување во Флорида.
Невидливиот виновник: космичко зрачење
Првичната истрага на Airbus покажала дека причината не била човечка грешка или механички дефект, туку компјутерски проблем предизвикан од т.н. „single-event upset“ или „bit flip“ – појава при која високоенергетска субатомска честичка од вселената ја нарушува состојбата на еден бит во меморијата на компјутерски чип, пишува Би-Би-Си.
Според вонредните директиви на European Union Aviation Safety Agency и Federal Aviation Administration, ваквиот тип грешка, во најлошо сценарио, може да предизвика неконтролирана промена на висината што би ги надминала структурните можности на авионот.
Како последица, десетици варијанти на моделите Airbus A320, A319 и A321 мораа итно да добијат софтверски ажурирања, а кај околу 900 авиони беше заменет и компјутерски хардвер.
Што точно е „bit flip“?
Како што објаснува професорот по вселенска физика Метју Овенс од University of Reading, субатомските честички од вселената – протони и неутрони – удираат во Земјината атмосфера и создаваат „дожд“ од честички. Во ретки случаи, неутрон може директно да погоди микрочип и да смени 0 во 1 или обратно.
„Тоа може да предизвика електрониката да се однесува непредвидливо“, вели Овенс. Вакви појави се добро познати кај сателитите, но авионите се посебно ранливи поради тоа што летаат на голема височина, каде што неутронскиот флукс е значително поголем отколку на тлото.
Дополнителен ризик е широката употреба на „fly-by-wire“ системи – технологија кај која компјутерите, а не механичките врски, ги претвораат командите на пилотот во движење на авионот.
Дежа ву од минатото
Инцидентот ја потсети јавноста на случај од 2008 година, кога авион A330 на Qantas двапати нагло изгуби висина во рок од 10 минути. Иако тогашната истрага не можеше со сигурност да докаже дека се работи за космичко зрачење, таа остана најверојатното објаснување.
Од Airbus потенцираа дека двата случаи немаат директна врска, бидејќи компјутерските системи погодени во двата инцидента биле различни.
Сонцето или длабокиот космос?
Дополнителна дилема предизвика тврдењето на Airbus дека на денот на инцидентот имало „интензивна сончева радијација“. Дел од научниците, меѓу кои и професорот Кит Риден од Универзитетот во Сари, укажаа дека на 30 октомври немало значајни соларни настани.
Подоцна, на 11 ноември, Земјата навистина беше погодена од силна соларна ерупција, една од најмоќните во изминатите две децении, но таа се случи речиси две недели по летот на JetBlue.
Космичките честички, сепак, не доаѓаат само од Сонцето. Голем дел од нив потекнуваат од далечни супернови и црни дупки надвор од Сончевиот систем, па дури и надвор од галаксијата Млечен Пат.
Поглед кон иднината
Софтверските ажурирања што ги воведе Airbus функционираат така што постојано ги „освежуваат“ критичните параметри во системите, спречувајќи корумпирани податоци да влијаат врз летот. До почетокот на декември, повеќето авиони веќе беа вратени во употреба.
Но, научниците предупредуваат дека проблемот може да стане сè посериозен. Како што микрочиповите стануваат помали, тие стануваат и почувствителни на вакви честични удари. А како што сè повеќе уреди – од авиони до медицинска опрема и автомобили – зависат од сложена електроника, расте и ризикот еден „bit flip“ да предизвика реална штета.
Инцидентот со JetBlue, ако ништо друго, ја отвори темата што одамна постои, но ретко стигнува до јавноста – дека нашата модерна, дигитална цивилизација е поврзана со, и понекогаш ранлива на, настани што се случуваат илјадници светлосни години далеку од Земјата.
Редакција Фронтлајн





